Кантри-блуз во шест строфи реченици

Размислувам за светот, како во осум часот наутро да нема ништо поинтересно за размислување, иако дури и бетонско сивото небо заробено меѓу депресивни фасади и оголени гранки нуди повеќе инспирација, размислувам за светот и неговата потреба здодевно да се повторува будејќи ја безнадежноста во срцето поради безумноста во која сака вообичаено да се облекува, сеедно што политичките модни креатори и нивните кројачи извршители никогаш и немале креативност, оти наместо игла и конец, користат злорадост и деструкција, па оттука, ни себеси не можам да се разберам кога по будење ми се јавува прашањето што со овој божествен свет јавнат од нашата разулавена цивилизација?

Кога размислувам за светот како да одам низ миниран ќор-сокак, каде што потоци крв се собираат во барички злорадост и наидувам на депресивниот ѓавол, фатил да свири блуз просејќи милостина од безмилосни минувачи дотерани со отуѓеност од кои не може да добие ни грам душа, зашто луѓето одамна душата ја фрлија како стара облека што ја јадат молци на секојдневната потреба за сопствена комфорност и туѓа интима, па застанувам за миг кај господарот на злото што сега изгледа како парталава крпа за бришење прашина и: „Што, по ѓаволите, ти се случува?“, прашувам, а тој меѓу два рефрена нетипична за него меланхолија, ми вели: „Тргнав кон борделот на човечката гротеска за да си ја соберам вообичаената доза гревови, ама сфатив дека сте се ребрендирале во снаф продукција, па не сум веќе дораснат за вашата плиткост и ароганција, оти јас се нудам да ви ја купам душата, а вие сами ја давате, ама во замена за моите рогови и опашка“.

Зјапам во светот низ распуканите валкани телевизиски прозорци полни од злоба исткаена пајажина, преку нишаните на социјалните мрежи за собирање парталави човечки души каде што сите се вооружени со илузија за својата величина и праведност, спремни да ја испукаат насобраната фрустрација која вреска убиј го (во поим) ближниот свој, зјапам во светот патувајќи низ порталите за премин од стабилност во ударни вести за малоумност и малодушност кои на големо се продаваат како светла иднина, нова нормалност, цивилизациски вредности и лага програмирана да биде вистина.

Продолжувам да се ѕверам во гобленот на светот извезен од рацете на сите џелати умислени дека се творци, четири годишни времиња за војни и страдања, страбизмот ми скита наваму-натаму по апсурдите на планетарниот егоизам каде што моќта се доживува како волшебна напивка, втренчено гледам во деталите на нашата потреба самоуништувањето да го прикажеме како ново раѓање, на моменти се проѕевам од здодевност, оти виденото веќе сум го видел или прочитал, пред мене било и по мене ќе биде, ама одбивам да го тргнам погледот, напротив, го засилувам ставајќи го на очи двогледот за да ѕиркам Руси и Украинци кои продолжуваат да се касапат во смртоносната машина за мелење месо што им ја донираше славната западна кујна за спремање и сервирање пеколна трпеза и си велам ништо ново и невообичаено кај Словените и нивната наркоманска потреба за меѓусебно крвопролевање, оти како страсно љубат, толку силно се мразат, па вртам поглед кон Блискиот Исток, далеку од разумот, а таму, масакрот меѓу Израелци и Палестинци не застанува, потомците на Сим ја пеат истата песна стара колку Стариот завет и никој не може да им помогне освен оние што им помагаат да продолжат да се истребуваат и ги оставам да му се одмилуваат на Бога, патувам со погледот, не се ни обѕрнувам онаму кај што веќе не се знае кој кого бомбардира и убива, Сиријци, Иранци, Курди, Пакистанци, Хути, Турци и, ете ме, конечно го набљудувам Западот, нотите од блузот на депресивниот ѓавол ми чукаат ритам-клинци во потсвеста, само што блузот преоѓа во кантри, се штимаат пушки и револвери, изгледа оној што вика во пустината… на Тексас, не е дојден за покајување на гревовите, ами како претеча за војна меѓу истите тие по татковина, но различни по идеологија и додека светот што ја мрази Америка заради нејзината политика се радува на идна граѓанска војна што ќе ја почнат федералните сили и тексашката национална гарда, јас се молам тоа да не се случи, барем Американците да не бидат како Словените и Семитите, се надевам дека кај обичниот Американец останал барем грам здрава мисла, за разлика од нивните безумни водачи, кои веќе ги активираа пропагандните нуклеарки за војна со Кина, ги гланцаат ракетите, авионите и тенковите за инвазија на Иран, дури мојот ум е заглавен меѓу два кантри-рефрена за ракети земја-воздух-пекол, за крила на авиони што треба да им попречат пат на небесните ангели и гасеници на тенковите што ќе се претворат во пеперутки за да ни го донесат оној фамозен ефект за крајот на цивилизацијата.

Затворам едно око, не ми требаат две очи да го видам она што не сакам да го гледам, а се нарекува Европа, не ми треба ни толкава реченица, едноставно ми се допаѓа бодликавата жица со која го обвиткаа својот бриселски пантеон, убаво им стои на сега веќе загрижената комфорност и помалку исплашена лицемерност додека си ја оградуваат свилената безумност поради гневните фармери што им протестираат, па така затворени одлучуваат за нови милијарди воена помош со која Словените и Семитите ќе продолжат да се истребуваат, возбудени од идеите на госпоѓата што навечер сонува чипови од руски миксери, а прекуден зборува за Аушвиц, кој да ти го ослободиле Американци и Британци, оти колку ја познава историјата, толку ѝ е гајле за животот на другите, важна е само економијата, продавај војни за консумерите да купуваат смрт на рати.

Конечно ги затворам очите, сега сум сам во себе, затворен во духовниот Аушвиц, концлогорот Нордистан, откаде за десет дена отсега нема да можам да излезам физички, зашто најпрво ми ја укинаа слободата да бидам Македонец, бидејќи сакале да ме одведат таму кај што нив никогаш нема да ги примат, ама морало да одам со нив без својот бит што самите го немаат, па поради плитка просечност ги мразат оние што знаат да се нурнат во длабочина, го одземаат тоа што сами не можат да го почувствуваат, за еве сега, освен идентитет, да ми го затворат и телото, оти не сакам да ги земам тие нивни документи, кои демек водат кон блескава иднина, а одбивам не само затоа што им плукам на придавката што одзема суштина туку, едноставно, јас веќе имам документи, сум ѝ платил на државата, не сакам да бидам третиран како домашно животно поради нивни ниски задоволства и, да, јас ќе бидам оној идиот што ќе го посочувате со прст, нема да им прифатам понижување и кражба, доброволно ќе останам затворен во концлогорот на медиокритети и интелектуална бижутерија, со намера да дадам сè од себе креативно да ја сведочам нивната деструкција.