Пасошката криза го убива македонскиот уставен патриотизам

Дали кризата со пасошите го сруши концептот на македонскиот уставен патриотизам уште пред воопшто и да го воспоставиме? Живееме на ридестиот Балкан, тој епитом на традиционалното, на етничкото, на хтонското, синонимот за вечни епски судири помеѓу неговите народи, вековни нерасчистени сметки и претешка заедничка култура на споделената крв, која го задушува поединецот и ја ништи неговата посебност. Така, барем, нè замислуваат, пред сè, на Западот, но репутацијата ни е во голема мера и заслужена. Долго време мислевме дека овој архетип за Балканот може да биде премавнат, но баш тогаш изби најновата серија крвави балкански војни, кои го обележаа крајот на Југославија кога објективите на телевизиските камери сведочеа на новите злосторства во име на родот (етносот, ако повеќе милувате).

Едно од толкувањата на најновиот круг балкански судири е дека суштината на конфликтите беа Уставот и уставната дефиниција на нацијата. Крајот на Југославија го обележа и еден изблик на уставен национализам во многу облици. СФР Југославија беше чудна уставна творба, истовремено и најтрадиционално национална (шесте народи), но и постнационална (обидот да се изнедри надетничка југословенска нација). Урушувањето на федерацијата предизвика жестоки дебати во сите републики за предефинирање на нивните нации, за определување титулар на суверенитетот и за утврдување на еден посебен народ како стожер на државноста. Не помалку значаен беше импулсот и на јазичниот национализам кога републиките тврдо ги дефинираа службените јазици и ускратија дел од широките јазични права на малцинските заедници (тогаш народности). Овој уставен и јазичен национализам веднаш доби и свој одговор. Малцинствата сметаа дека новите уставни дефиниции ги исклучуваат од државниот систем и дека ги сведуваат на граѓани од втор ред, па ги оспорија новите уставни решенија. Многу беше кус патот од апстрактните расправи за уставната дефиниција на нацијата, водени од врвните експерти по уставно право, до крвавата разврска во меѓуетничкиот судир.

Едно од понудените решенија за надминување на уставните кризи беше граѓанското дефинирање на нацијата, како рамноправна заедница на сите нејзини членови, без разлика на етникумот, мајчиниот јазик, религијата и другите културни карактеристики. Но во овие турбулентни години на Балканот дури и концептот на граѓанска нација се злоупотребуваше за да се исклучат малцинствата од државниот систем или, пак, за да се ускратат нивните јазични и други права. „Национот“, како што тогаш се велеше во печатот, одмазднички се врати во политичкиот простор, со сета своја мобилизациска моќ, за жал, разорна низ Балканот.

Покрај крвавиот националистички пир, „национот“ во случајот на Македонија доби и друга форма кога соседите ја злоупотребија европската интеграција како оружје за спорење на македонската државност и за предефинирање на уставната дефиниција на земјата, па дури и на нејзиното национално име, но тоа е сосема друга тема.
Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, со години се обидува да го разбере, да го приспособи на локалните карактеристики и да го примени концептот на уставниот патриотизам. Овој западногермански изум од поствоениот период изникна главно од теоријата на прочуениот филозоф Јирген Хабермас, а негов актуелен протагонист е, исто така, германскиот политички теоретичар Јан Вернер Милер. Уставниот патриотизам изникнува од германското справување со нацистичкиот варваризам и согледувањето каде води најгрозниот етнички национализам. Па така, наместо заедница втемелена врз „крвта и тлото“, легитимирана со заедничката ДНК, биолошка и културна, заедничкиот јазик и „светата земја“, новиот концепт ги врзува граѓаните околу уставните норми, демократските институции и одбраната на демократскиот поредок. Подоцна уставниот патриотизам ќе послужи и за легитимирање на новите западноевропски постнационални држави, составени од староседелци и нови доселеници, кои не споделуваат заедничка историја, заеднички јазик и обичаи, туку исклучиво доверба во рамноправноста пред Уставот и заедничка верба со функционирањето на демократските институции и на правната држава. Уставниот патриотизам ќе добие своја посебна тежина кога ќе се забрзаат процесите на проширувањето и продлабочувањето на Европската Унија. Што може да врзе толку разнородна постнационална и постдржавна творба отколку споделената верба во уставниот поредок, во демократските начела и во функционалните институции што ги гарантираат слободата, еднаквоста и рамноправноста на сите граѓани.

Актуелните проблеми дури и во старите земји членки на ЕУ се сведуваат на една огромна дебата помеѓу уставниот патриотизам и традиционалниот патриотизам. Суверенистите се борат за одбрана на традиционалната национална држава, додека, пак, глобалистите тежнеат кон востоличување на постнационалната унија. Но тоа не е тема на оваа колумна.

Зоран Заев влезе во обид за формирање нова нација. Над урнатините на Република Македонија требаше да израсне „мултиетничкиот народ“ на „граѓаните на ’Северна…’“. Нормално, имајќи го предвид оскудниот интелектуален капацитет на приврзаниците на наметнатиот премиер, тие никогаш не се ни обидоа да дојдат со кохерентна дефиниција за тоа што сакаат да сторат и како тие ја гледаат уставната дефиниција на државата. Не помагаше ни тоа што како коалициски партнер го имаа ДУИ, партија што како да е излезена од архетипот за балканска тврда етнонационалистичка структура. Но, еве, и да земеме дека Зоран Заев сакал да испромовира некое ново начело на уставен патриотизам. Дури и еден таков обид треба да содржи јасни симболи на обединувањето на таквата нација. Покрај граѓанскиот устав, клучен белег на уставниот патриотизам се демократските институции, но и документи.

Пасошот е веројатно еден од најзначајните видливи и опипливи симболи на уставниот патриотизам. Тоа малечко книжуле треба да ја оцрта врската на граѓанинот со државата, да биде врвен доказ за нечија припадност и вклученост во државниот систем, како и да биде јасно предупредување дека државата го штити имателот на тој документ. Во држава водена од начелото на уставниот патриотизам, пасошот е слеп за етнос, мајчин јазик, вера, раса, пол, сексуална ориентација и така натаму. Постнационалната државата, пак, благодарение на пасошот ги препознава своите граѓани низ светот и секаде им ја дава нужната помош. При последната крупна либанска криза читавме како безмалку сите западноевропски земји (а и Канада) испратија воени и цивилни бродови за да ги евакуираат своите граѓани што постојано живеат во оваа земја – бисер на источниот Медитеран, а некои од нив дури никогаш и не мрднале од Либан туку добиле пасоши како дел од постапките за обединување на семејствата.

Нејсе, сите аспекти на политиката на Зоран Заев одамна пропаднаа и Македонија уште долго ќе бара одговори што се случи во изминатите седум години. Но актуелната пасошка криза го сруши и последниот аргумент дека тој се обидел да ја внесе Македонија во постнационалната епоха и да го воведе концептот на уставен патриотизам. Институциите мора совршено да функционираат за да се воспостави врската помеѓу нив и граѓанинот, за да се создаде доверба во системот и документот со државен печат да има подлабоко значење. Овие безмалку библиски сцени пред МВР се последната шајка во ковчегот на „Северна…“. Преименувањето ниту донесе европска интеграција, ни мир со соседите, драматично ги влоши меѓуетничките односи во Македонија, а ја растури сета верба на граѓаните во државниот систем. Како пасошот мене ќе ме штити во странство кога нема ни трошка достоинство при неговото вадење од институциите што јас ги плаќам.

Јас цврсто верувам во концептот на граѓанска држава затоа што само таа уставна дефиниција е единствено можна во една сложена европска земја што се стреми да биде членка на ЕУ. Исто така и уставниот патриотизам е категорија што сме должни допрва да ја усвоиме и потоа емотивно и интимно да ја прифатиме. „Северна…“ нека остане сурово и скапо платена лекција како не треба да си поигруваме со нашата заедница, но ајде повторно да ја изградиме Македонија, како заедничка држава, втемелена врз споделени демократски вредности, почитување на човековите права и на човековото достоинство, земја со цврсти и функционални демократски институции, каде што достоинствено се вади пасош чиј носител македонската дипломатска и конзуларна служба го штити низ светот. Фијаското со „Северна…“ нека биде вовед во современиот македонски уставен патриотизам за 21 век.