Како да го откриете својот розов крокодил?

1. Бугарија ни го прави она што Русија ѝ го прави на Украина.
2. Европската Унија загрижена поради знаменцето што власта сака да го закачи на договорот со „Бехтел и Енка“, за кој американската амбасада смета дека е добар и транспарентен.
3. Американската амбасадорка не се меша во договорот со „Бехтел и Енка“, ама ја искара непослушната опозиција, која зборува против тој договор за да собира политички поени.
4. Опозицијата ѝ се руга на власта кога ЕУ ги критикува, власта ѝ се сити на опозицијата кога американската амбасада ги кара.
5. Опозициски настроени медиумџии и експерти сметаат дека поради поддршката на американската амбасада за власта и нивните коруптивни зделки, глупиот народ се пали на Русија и Путин.
6. Мај се однесува како ноември. Небото над Нордистан се умислува дека е небо над Јоркшир. Глупо е да се споменуваат ХААРП и слични теории на заговор, ама не е лошо да се провери дали Путин „се понаша“ како волшебникот Мерлин, па фатил да го мати времето за прогресивниот прозападен, цивилизиран и антируски настроен нордистанец да се чувствува како накиснат глушец.
7. Розовиот распеан крокодил, облечен како Фред Астер и нозе добро потковани со чевли за степување, застанат на дожд среде нордистанска дистопија, крајно е збунет и се прашува, што по ѓаволите бара среде колумна во сабота наутро?

Добар ден, публико! Како сте? Се надевам добро ве изморија речениците што досега ги читавте, па силно му се израдувавте на розовиот крокодил што се појавува во седмата ситуација. Знам дека му се радувавте, патем овој розов крокодил е моја комбинација од седумте светски чуда, седмата сила и седмата уметност. Секогаш ми доаѓа на гости во умот, кога ќе видам дека гротеската се облекла секси, па сака да ме однесе на вечера за да ми зборува за рационално доживување на геополитика надградена со западни вредности, по што секако треба да одиме во нејзиниот апартман на крајот од логиката каде што до вечноста и назад ќе си разменуваме садомазо-страсти камшикувајќи си ја интимата, оти така прават сите вљубени стратегиски партнери.
Претпоставувам дека сега и вие сакате да научите како во мислите да ве посетува мојот розов крокодил за да ве спаси од предозираност со реалполитика, анализи на истата таа и заклучоци што ги извлекуваат нашите врвни политичари, експерти, интелектуалци и новинари.
Е па, еве го рецептот!
За почеток добро проветрете ја кујната од руска пропаганда, поразговарајте со локалниот егзорцист, кој ќе ве посоветува како да се справите со руска или кинеска демонологија. Сега сте спремни за готвење. Уште еднаш, внимателно прочитајте ги првите пет ситуации на почетокот од колумнава. Онаа шестата, каде што Путин преправен во Мерлин, инаку другар на еден Јенки во дворот на крал Артур, се меша во нордистанската метеорологија, тргнете ја настрана, оти ќе ви треба за подоцна. Откако повторно ги прочитавте првите пет ситуации, ставете ги во блендерот на новата нормалност, па добро измешајте и зачинете со западни вредности. Внимателно анализирајте ја смесата што ја добивте. Следува резултатот што треба да го добиете.
Бугарија му го прави на Нордистан истото што Русија ѝ го прави на Украина. За ова свое „правење“, Бугарија има психијатриско пусулче наречено француски предлог во кое пишува дека бугарската политика е со здрав разум и чиста совест, понатаму има поддршка од ЕУ, како и дозвола од САД. Ако не ми верувате, консултирајте се со својот матичен лекар, родител 1, старател 2 или само прашајте го Ескобар (не, Пабло).

Оттука, излегува дека САД и ЕУ се Русија. Прашањето што ве измачува, а гласи, зошто тогаш Нордистан не им го прави на САД и ЕУ, тоа што Украина ѝ го прави на Русија, спаѓа во оние прашања што не заслужуваат ниту одговор, ниту датум за пристапни преговори со логиката, оти за да се стигне до неа е потребно да се ископа цел еден коридор низ безумноста. Околу тој коридор, како дел од бурлеската, на чуден начин се конфронтираат истите оние САД и ЕУ, кои се Русија. ЕУ не сака да го даде своето знаменце за тој коридор, за кој претставниците на САД во Нордистан сметаат дека е добар и транспарентен. Оттука, станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ, кои собираат политички поени плукајќи го договорот, се за ЕУ, а СДСМ и ДУИ, кои сакаат да го спроведат по секоја цена и провизија, се за САД. Ама па САД и ЕУ се Русија, па така доаѓаме до прашањето кој од овие два ентитета (САД/ЕУ) се прогресивна прозападна Русија, а кој е варварска Путинова Русија. За да се пресече Гордиевиот јазол, најдобро е американската амбасадорка да напише епистоларен роман преку кој ќе дознаеме дека сите во еден момент згрешиле, зашто гнасната пропаганда на Путинова Русија им подметнала погрешни информации во прозападната прогресивна Русија. А потоа, секој секому треба да му се извини, оти биле фатени во руска стапица, па братски, сестрински и џендер неутрал да се прегрнат и заедно да ја запеат северноданската победничка песна од „Евровизија“, по што нормално, оти мора некој да ја преземе вината, да се обвини народот како глуп, бидејќи му се намалиле евроамериканските крвни зрнца, а му се покачил руски притисок, но, за среќа, тука се нордистанските политичари, експерти, новинари и пред сè интелектуалци, кои секогаш имаат дијагноза за глупоќата на заблудените народни маси.

Откако сето ова добро го замесивте во вашата свест, време е од потсвеста да го извадите Путин преправен во Мерлин, кој прави магии над Нордистан, обидувајќи се да донесе библиски потоп за новата нормалност. Ако сте добро информирани, а се надевам дека не сте, ќе знаете дека Путин не се преправил во волшебникот, туку во Мерлин Монро за да пее роденденска песна кај Трамп, преку која ќе му овозможи на љубителот на порноглумици уште еден претседателски мандат. Ова ви е десерт и јадејќи го, веќе ѕиркате во непредвидливата иднина каде што конечно ве чека мојот розов крокодил, кој сè уште се прашува што, по ѓаволите, бара во колумнава. Слободно јавнете го, нема да ве изеде. Напротив, ќе ви раскаже како триесет години САД и ЕУ тераат варварска антимакедонска политика со примеси на модерен нацизам преку кој ни спроведуваат идентитетски холокауст, Русија реално ја заболе уво за нас, сеедно што демагошки мудрува за некаква правда, антифашизам и немешање во туѓи дворови, а ние, среде овие две џиновски фрустрации од запад и исток, заглавени сме со некреативни, ама арогантни и самобендисани марионети од лева, десна и некаква си трета опција, сите без форма и суштина, кои се доживуваат себе како политички величини помогнати од робовите на просечноста, златни рипки и печурки, сите до еден калемени по иста евроатлантска матрица, а наречени новинари, експерти и интелектуалци.