Градинарот цвеќето го расне

Малкумина ќе се изненадат од ова што ќе го кажам, но за современите „полиграфи“ и „факт-чекери“ (проверувачи на факти) во земјата ова ќе биде повторно повод да им се дигне косата на глава. Јас конзистентно се држам до онаа на Орвел, дека во време на општа измама, кажувањето на вистината е револуционерен чин. Дури и би додала дека во време на општа измама, „полиграфите“ и полицијата на мислата имаат единствена функција да ја одржат измамата во живот. Затоа не чуди што жестоко реагираат кон секој дисидентски глас. Свесни се дека дисидентите, односно оние што опонираат на наметнатите „вистини“ и „единствените алтернативи“, не се осамени гласови, туку само гласни канали за соопштување на она што е мислење на пошироките слоеви во општеството. Така отсекогаш било во историјата, а, за жал, така е и денес, во 21 век, кој се слави како ера на најголема демократија и човекови права.
Дрскоста на оние што си земаат за право (поткрепено со странски/западни грантови) да ни кажуваат дека сме инфантилни кога покажуваме знак на живот и сакаме да им кажеме НЕ на моќните, кои „како со нос нѐ сечат во стомакот“, е безмерна. Велат, требало да бидеме зрели и да ја прифатиме операцијата без анестезија, па како конвалесценти (веројатно и од оперативната маса) ќе сме се бореле за својот опстанок. Ете, тоа било зрелост. Мноштвото граѓани го нарекуваат маса, најчесто заведена, заблудена, националистичка, неевропска, а тие си ја земаат улогата на авангарда, која ќе ги води кон градината (Еден), т.е. Европа! (Се разбира, кога велат Европа мислат на Европската Унија, но и тоа е познат трик со кој порачуваат дека не сме само инфантилни туку и недораснати Европејци, луѓе што допрва треба да заслужат да бидат подигнати на повисокото ниво на политичка, па дури и цивилизациска еволуција.) Впрочем, тоа го мисли и шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, кој неодамна кажа дека Европа била градината што треба да се чува од сето преостанато, кое било џунгла.

Тој колонијалистички поглед од висина кон другите, кои се прикажуваат како дивјаци, не е ништо ново, но зачудува што „градинариве“ не гледаат дека домата им е „џунгла“, со која ќе треба да се справуваат кога стаклената градина ќе остане без греење и прихрана.
Ова што го кажувам во оваа колумна е старо најмалку петнаесетина години, а не сум ни единствената. На пример, паневропското (левичарско) движење ДИЕМ25 (воспоставено во 2016 година) се заснова на тезата дека „или ЕУ ќе се демократизира или ќе се дезинтегрира“. Нашиве полиграфи во шок – како може да се демократизира нешто толку совршено како ЕУ?! Батали сега популисти, неофашисти, националисти – неважно е тоа пред ликот на божјата градина. Но, сега, пред амбисот на нуклеарен армагедон (зборови што излегуваат од устата на претседателот на воено најмоќната сила на светот, САД), станува јасно дека ДИЕМ25 и другите со слични визии на светот – задоцнија. ЕУ не само што не се демократизира туку чекори наназад кон едни темни времиња, кои дури и се рехабилитираат на еден или друг начин. ЕУ доживува имплозија, не експлозија, бива вшмукана од НАТО-алијансата и дејствува и работи на сопствена штета, следејќи ја визијата на лидерот на „колективниот Запад“. Унијата одамна не е она што е врамено во нејзината божем мека моќ, нормативна/вредносна димензија. Она што е различно е во огромните исчекори надвор од убавата обланда: се милитаризира, се костреши и наместо да промовира мирни начини на решавање на конфликтите на нејзините граници, таа е како зајакот чиј ментор е лавот, па се сили небаре е цар на џунглата. Слушајте ги зборовите на Борел, кој уште од почетокот на војната во Украина зборува за воена победа, го охрабрува Зеленски да не попушта пред злото и ѝ се заканува на земјата со најмоќен нуклеарен потенцијал дека не само што ќе биде поразена туку и ќе ја снема.

Еден од ретките гласови на разумот среде Европскиот парламент е онаа храбра и брилијантна жена од Ирска, Клер Дели. Храбра затоа што повикува на деескалација, предупредува на можниот хорор од досегашната стратегија на Западот кон Украина, и стои стамено наспроти клеветите дека е Путинов апологет, антиевропски елемент и слично. (Мене ми е многу интересен еден друг феномен, кога сме кај обвинувањата и „полиграфите“: тие постојано имаат потреба да се прикажуваат како маченици, жртви на хајки, напади и клевети, ама тие демек издржуваат – и покрај тоа што центрите на моќ стојат зад нив, ги штитат и хранат како што треба да се чуваат градинари.) Накратко, Дели кажува едноставна вистина: решение за војната не е повеќе војна, туку мир. Но гласовите на мирот се задушени од воените крици и татнеж на воените барабани.
Да е само политичкиот естаблишмент во прашање, можеби битката за мир ќе биде полесна. Но доминира мантрата дека ЕУ (пардон, Западот) е сила на доброто, без оглед на неразумните политики (кои доведоа до судир) и нивните последици (во жртви на сите страни, вклучувајќи го и самоуништувањето на ЕУ и на западните општества поради слепата послушност кон Хегемонот на другата страна од Атлантикот). Секој поинаков став по брза постапка се демонизира и замолчува. Поучени и дисциплинирани, дури и академските кругови си ја фатија страната – на војната. Дури и по цена да нѐ снема како човечки род. Не се сеќавам дека беа вака вознемирени за цивилните жртви во другите неевропски делови на светот. Но нашите се само копија на западните кругови. Деновиве учествував на Зум-дебата/вебинар за глобалните состојби, на кој зборуваа тројца професори на мировни студии, а модераторка беше ќерката на Чомски. Се исклучив во моментот кога го слушнав одговорот на прашањето како мислат дека може да се дојде до мировно решение. Одговорот беше брутално краток: Не е можно! Оваа теза е рефрен на мејнстрим-медиумите, НВО-активистите, тинк-тенковите. Барем на овие што строго контролирано допираат до нас од „неинфантилните“ и зрелите…
Во ваква ситуација, да зборуваш за нужноста да се влезе во ЕУ, па ЕУ да им се вратела на своите вистински вредности, па да промениме Устав заради заштита на малцински права (на Бугарите, и надградба на оние на Албанците, кои не се ни малцинство во политичка смисла), па европски реформи и анализи на извештајот за напредокот на државата кон полноправно членство… простете, ама сето тоа е небулоза, однесување слично на трите мајмуни „не гледам зло, не слушам зло, не говорам за злото“.

Ми се чини дека ние ќе останеме последните слепци (пуста, историска судбина) што ќе веруваат дека ЕУ постои и дека е простор на мир, демократија и благосостојба и среде третата светска војна. Толку е длабока таа секуларна религија: ќе веруваме дека сме на чекор до градината, дека не сме во џунглата, само уште некој нос/нож да ни забијат во стомакот, но ќе издржиме, зашто друга алтернатива немаме. Ова е резултат на индоктринација каква што не сум доживеала ни во „комунизмот“; дури и таму имаше простор за критичка мисла и говор повеќе од денес, барем во последните неколку децении. Но не е дека ние сме тргнале по ѓаволите, туку ЕУ е на тој пат. Иако таа никогаш и не била замислена како некаква реална/остварлива утопија на братски народи, социјална правда, еднаквост и слобода, туку како себичен и прагматичен капиталистички и корпоративен проект, сегашната верзија не само што е недемократска туку е милитантна. И мазохистичка. По цена на сопствената позиција во светот, наспроти одговорноста кон сопствените граѓани да обезбеди здравство, социјални услуги, греење, образование, храна за сиромашните, работа за ниските социјални слоеви – таа не е градина, туку титаник. Тоа најдобро го доловува една карикатура каде што на прашањето која е разликата меѓу „Титаник“ и ЕУ, одговорот гласи: „Кога потона, ‘Титаник’ сé уште имаше струја“.