Градба има, население нема

Почесто во нашето секојдневие слушаме, пишуваме, коментираме, анализираме какви се одредени состојби во нашава држава од различни аспекти. Тоа, секако, ни го овозможуваат податоците што ги имаме во изобилство, а се добиваат од повеќе институции, а најмногу од надлежната институција Статистика. Затоа, не случајно, се кажува дека пописот на населението, домаќинствата и становите по својата содржина и обем е најмасовна и најкомплексна статистичка операција, односно статистичко истражување што се спроведува речиси во сите земји во светот на секои десет години. Собраните податоци не само од ова туку и од другите истражувања се исклучително значајни за оцена на моменталната состојба, која служи за идните планирања и донесување различни стратегии како на државно така и на локално ниво.
И сега, секако, можеме слободно да кажеме дека податоците од наведениот попис, спроведен пред една година, или поточно во септември 2021 година, ни ги отсликаа состојбите во државава од повеќе аспекти. Но, секако, најзначајно е каква е состојбата со населението, кое се намалува, и тоа во изминатиот дваесетгодишен период за 185.834 жители, а пак имаме зголемување на домаќинствата за 34.336, додека на становите за 141.031.
Овие состојби може да се анализираат по територијален принцип на ниво на населено место, општини и региони. Токму тоа ни овозможува како држава какви стратегии треба да подготвуваме за нашата иднина. Меѓутоа не е вишок да се каже дека од 80-те општини што во согласност со Законот за територијална организација на локалната самоуправа постојат, во 66 е намалено населението, и тоа секако како на државно така и на локално ниво, а особено по населени места. Бројките односно податоците се на располагање и тие можеме да ги коментираме, анализираме и користиме за идниот десетгодишен или деветгодишен период, до спроведувањето на следниот попис на населението, домаќинствата и становите.

Веќе се напоменати состојбите и во овој момент не треба да се анализираат бројките поединечно на ниво на региони, општини и населени места, туку да се бараат причините за нив и појавите што продолжуваат и натаму. Со ова сакам само да посочам дека појавите се интересни и побудуваат интерес за анализи, бидејќи има и појави што се карактеристични. Но во овој момент би коментирал само дел од состојбите за населението, бидејќи појавата е загрижувачка, а тоа е неговото намалување. Главната причина за тоа е иселувањето, за жал, за кое нешто немаме точни и прецизни податоци.
Меѓутоа како потврда за дел од тие податоци можеме да ги користиме расположливите податоците на годишно ниво за бројот на живородени деца во други земји или странство на наши државјани. Така што, според последните податоци, од 2021 година во странство се живородени 5.503 деца. За нив се знае од кои општини се тие од нашава земја заминати и во кои држави се појавите.
Според моите анализи, податоците се интересни од повеќе аспекти, и тоа според територијалниот принцип од каде се тие наши државјани заминати надвор од земјава и, второ, што е многу загрижувачко, што имаме повеќе живородени деца во странство отколку во општината од каде што се заминати. Но и во дел од општини имаме речиси приближно исти бројчани појави ,како во земјата така и во странство.
Според сето горенаведено, а следејќи и анализирајќи ги состојбите од повеќе аспекти од завршувањето на пописот од 2021 година, природниот прираст на населението покажува негативни појави, што значи и натаму бројот на населението се намалува, а бројот на градби и на објекти односно станови се зголемува.
Доколку сакаме да го анализираме тоа и да покажеме какви се состојбите, како прво може да се каже дека во согласност со месечните статистички истражувања може да се забележи дека бројот на издадени одобренија за градење и натаму се зголемува, а секако и бројот на станови.
Така што за изминатиот едногодишен период, од октомври 2021 до август 2022 година, издадени се одобренија за градење 3.912, а во нив ќе се добијат или градат 8.879 стана.

Овие податоци покажуваат дека иако бројот на население се намалува, градбата продолжува и натаму. Секако, за појавите е добро да се знае и тоа дека градбата продолжува, и тоа во оние региони или општини каде што имаме повеќе намалување на население и повеќе живородени деца во странство. Овие појави се интересни од аспект дека население нема, а градби има. Тоа не значи дека тие не се посетуваат или малку и користат.
Доколку сакаме да знаеме каде се тие градби на станови, добро е да ги напоменеме како регионите така и општините каде што во изминатите осум месеци од 2022 година се издадени. Најмногу се во Скопскиот Регион 1.552, Полошкиот 1.017, Југозападниот 606, Југоисточниот 436, Пелагонискиот 248, Вардарскиот 209, Источниот 215 и Североисточниот 40. Додека пак по општини, најмногу станови се градат и ќе се градат во Гостивар 556, Аеродром 353, Струмица 292, Охрид 238, Чаир 211, Гази Баба 201, Тетово 196, Струга 180 итн.
Во овој дел на градби односно издадени одобренија за градење е интересна појавата или за анализа од надлежните институции, како на државно така и на локално ниво, што во изминатиот период од 2022 година, а и со години наназад, нема појави на издадени одобренија за градење и податоците од пописот покажуваат зголемување на бројот на станови. За оваа година такви општини се: Чашка, Карбинци, Могила, Кратово, Арачиново, Долнени и Центар Жупа. Додека општините Градско, Росоман, Чешиново Облешево, Демир Хисар, Новаци, Дебрца и Пласница издале само по едно решение. Исто така, и со две издадени решенија има неколку општини каде што се градат по два стана итн.

За обележување е дека повеќето од општините каде што има помала градба на станови се руралните општини, а пак во дел на нив има повеќе градби, и тоа во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино, Василево, Босилово итн.
Постојат податоци за овие издадени одобренија за градење од каков вид градба се, со каква површина ќе располагаат, колкава е нивната вредност, кој е инвеститор, бројност на соби итн.
Сметам дека направените анализи се со намера да се согледаат состојбите во нашата земја од повеќе аспекти, а посебно за нив да се ангажираат надлежните институции, како за состојбите на теренот така и за придобивките од даноците што треба да ги соберат општините, бидејќи имаме појави во локалните единици каде што средства од данок на имот не се собираат.
Истовремено суштествено за државата е што се овозможува да се направи и стратегија во оваа област, односно регистар на згради и станови во согласност со сите податоци, а натаму тој се ажурира. Покрај тоа, податоците од пописот може да се искористат за подготовка и изработка на национална типологија на станбени згради и објекти, како што се изработени и се изработуваат во други земји.

Дончо Герасимовски

Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар