ЕУ е ќор-сокак, немаме друга алтернатива освен БРИКС

Имам многу работа, па не следам Вимблдон, но неколку новинарски написи ми привлекоа внимание. Текстови за Новак Ѓоковиќ. Не станува збор за спортски написи. Едноставно, срамна политика. Политиката и нејзините фрустрации. Не ги споменувам оние текстови на врвни новинари, кои, всушност, ми го посочија она за што ќе ви пишувам, омразата на Западот кон српскиот тенисер, затоа што тие не го отсликуваат западното меинстрим-расположение, туку ја пишуваат вистината, а вистината никогаш не е интересна.
Западот, неговата бесна меинстрим-глутница, го мрази Новак Ѓоковиќ. И како човек и како тенисер. Затоа што е најдобар на светот на сите времиња, а не е од САД или ЕУ, туку напротив, Србин е, горд на корените, остана на своето да не се вакцинира и зашто им го сруши митот наречен Федал, односно битката меѓу Федерер и Надал, бидејќи и двајцата, спортски ги истреска од земја. Толку се хистерични во својата омраза што кутрите мора да навиваат за руски тенисери кога играат против Ѓоковиќ, кои секако ги мразат зашто се Руси, па ги гледаме вџашените Медведев и Рубљов на кои ништо не им е јасно. Омразата кај публиката кон Новак секако е поттикната од кретенски написи на западните меинстрим-медиуми, кои измислуваат секакви одвратни спинови за да го оцрнат Србинот.
Всушност, Новак Ѓоковиќ и без да сака, стана еден вид симбол на отпорот против изопачените погледи на Западот, рамо до рамо со Асанж и Сноуден. Затоа го мразат, зашто не ги дели нивните забегани вредности со кои нас тука, како и секаде во светот, нè отекуваат дека се врвни и приоритетни. Бесни се затоа што нивните деца, како и сите деца, едноставни и искрени, сакаат да бидат како Ноле бидејќи децата сакаат да бидат како најдобрите.
Во меѓувреме почина Милан Кундера, генијалниот Чех, кој стана Французин. Затоа што ѝ се налути на својата татковина, зашто го лустрираа, тврдат дека уништил човечки живот кодошејќи го на комунистичките служби исто како во неговата „Шега“. Кундера демантираше, ги спакува куферите и замина. Мене не ме интересира дали е вистина или не, не ме интересира човекот Милан Кундера. Јас му се восхитувам на уметникот гениј што ги напиша бесмртните „Неподнослива леснотија на живеењето“, „Шега“, „Смешни љубови“. Исто како што не ме интересира дали Езра Паунд бил фашист, а Луј Фернанд-Селин, антисемит. Ама смешни ми се крокодилските солзи на западните лицемерни празнословни меинстрим-медиуми. Сите нешто му оддаваат почит на генијот. Да, оддаваат, иако не се осмелија да го објават писмото на македонските интелектуалци против изопачениот и смрдлив нацидоговор од Преспа, а кое прв го потпиша токму Кундера. Тогаш не им чинеше.

Такви се прогресивните лицемери. Ниту сакаат, ниту почитуваат. Ако за милиметар застраниш од нивната агенда, им се активира омразата. До вчера се лигавеа како „Небо над Берлин“ им е еден од омилените филмови, веќе утре спремни се да го запалат Петер Хандке на клада. До вчера пиштеа против лустрацијата на човекот Славко Јаневски (не на неговата уметност), а веќе денес се ноеви со главите во песок откако се дозна дека „Црно семе“ и „Црнила“ се исфрлени од наставната програма. Таква е лицемерноста на интелектуалната бижутерија со усти полни западни вредности… и грантови.
Ма не, не се они лицемери, тоа јас спинувам дека овие книжевни дела се наставно цензурирани поради нацистичките фрустрации на Грција и Бугарија, со поддршка на ЕУ. Најубавите луѓенца, точно знаат дека книгите се само привремено тргнати поради црнилата што ги внесуваат среде розовата нордистанска стварност. Затоа очекувам, привремено од книжарниците да бидат отстранети „Црвено и црно“, „Црното Лале“ и „Црнината ѝ прилега на Електра“.
Згора на сè, немаат време да се занимаваат со Ташко и Коле, зашто, следам, ловат вештерки виновни за смртта на кутриот Ноа од Белград. Кутар, не зашто е момче што се чувствувало како девојче, негова работа, туку зашто беше брутално убиен од својот љубовник, психопат. И не, не е убиено трансродово лице, убиен е човек. Е ама, за смртта на Ноа да не ти бил виновен убиецот, туку некои институции и личности, кои не им се по ќеф на прогресивните. А кога ним нешто не им е по ќеф, стануваат инквизиција.
Океј, гледам дека интелектуалната некрофилија е дозволена, односно злоупотребата на едно ужасно убиство на млад човек, па и јас малку ќе се занимавам со оваа тема, иако е крајно морбидно, ама они први почнаа. Има след на настани што точно можат да ги посочат главните виновници за грозоморниот чин. Пред да се случи злосторството, се расправав со еден лик, кој ме убедуваше дека мора да го доживувам како пеперутка, оти тој така се чувствува. Јас му реков да престане да ми го опрашува постоењето со своите глупости, бидејќи имам посериозни проблеми натоварени од животот, па се разделивме отерувајќи се во мајчина.

Еден час подоцна налетав на исечок од „Животот на Брајан“ на Монти Пајтон, каде што Стен сака да биде Лорета и да раѓа деца. Џон Клис го прашува кај ќе го зачне детето кога нема матка, во кутија ли? На крајот заклучуваат дека Стен, то ест Лорета, не може да раѓа деца, ама ќе се борат за неговото право… да раѓа деца, односно ќе се борат против здравиот разум. Вечерта видов вест, која вели дека „Бадлајт“ изгубиле милијарди затоа што никој не им го купува пивото поради фактот што во кампањата главен лик е транџа. Вака изопачено поставени работите излегува дека за трагедијата на Ноа, виновни сме јас, Монти Пајтон и Американците што не пијат „бадлајт“.
А не ги разбирам Американците. Да ми е мене „бадлајт“ омилено пиво, баш ми е гајле кого ставаат во кампањата. И Шаленберг да го акнеа на лименка, ќе го пиев пивото. А-ха, Шаленберг, министер од Австрија, кој се истопори со уште два ЕУ-министри среде Скопје. И нормално, веднаш се закани. Демек не доаѓале секој ден по тројца ЕУ-министри во Скопје, ама и ќе сме биле избришани од европскиот пат ако не ги внесеме Бугарите во Устав. Фала му на Бога што не доаѓаат секој ден. И ова е премногу. Немаме никаква корист од нивната бесмисленост. Што се однесува до европскиот пат, тргнете нè веднаш. Вие сте ќор-сокак. За нас, единствена алтернатива е БРИКС. Уф, многу сакам да звучам паметно како нашиве политичари, иако сега мојава единствена алтернатива, одвратна им е. И мене вашето, „немаме друга алтернатива“, одвратно ми е.

П.С. На самитот во Вилнус, Украина доби зелено светло. Ќе ги зачленат во НАТО по завршување на војната. Ама војната не смее да заврши. Мора да се води до последниот Украинец. Генијално, а?