Џезмен во април – формата како глагол

„Џезмен“ е проект документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски, човекот што е своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен…
Џезот е еден од најпрестижните и најважни културни американски експорти што го освоија светот, како своевидна мултикултурна уметност, но и како методолошка постапка и одредница на артистичката слобода.
На 26 февруари 1917 година, во њујоршкото студио на фирмата „Виктор“, влегуваат пет бели музичари од Њу Орлеанс и ја снимаат првата грамофонска плоча, звучен запис на џез-тема што претставува едно од најзначајните збиднувања во историјата на оваа музика. Пред тоа џезот бил само опскурна фолклорна музика, која ја изведувале неколку стотици црни музичари и некои белци во Њу Орлеанс. На друго место во Америка речиси и не можел да се чуе.
Ако во своето настанување тој се потпира на афроамериканските корени, со текот на времето прераснува во методологија што овозможува во неговата основа да ги вткаеме и сопствените омилени (па и македонски и балкански) рефрени и да ги варираме според сопствената волја, инспирација и дарба.
Враќајќи се наназад во средината на минатиот век, ќе забележиме дека џезот, никнат во бекстејџот од онаа страна на океанот, својата вистинска димензија и значење ги добива во Европа, благодарение пред сѐ на правилната детекција на рафинираната и подготвена европска публика, која уште во раните педесетти години на минатиот век го открива потенцијалот на џезот како универзален културен израз и го доживува и толкува како вреден уметнички жанр.

Музичарите уметници, по правило, ја чувствуваат и препознаваат вистинската публика, што предизвикува лавина од џез-миграции, турнеи, настапи кон старата добра Европа, при што на класичен фетишистички начин џезерите од локални прераснуваат во глобални мултикултурни митови – хиперлинкови, при што обединуваат милиони поклоници и обожаватели низ светот.
Освен како израз, за џезот денес слободно може да се зборува како за глобален културен патерн, методологија, постапка што „заговара“ (не наложува) третирање на формата како глагол, при што како последица музичката содржина се деконструира и се ослободува од „ропството“ на совршените форми на класичната хармонија. Со тоа се отелотворува идејата дека формите на класичната хармонска прогресија не се доволно просторни и еластични за во нив да се вградат, изразат и сместат врутокот и ритамот на новите музички струења. Во контекстот на постмодерната теорија на идентитетот, неа ја карактеризира и продлабочува и модерната криза за релативната способност на традиционални музички форми да го восприемат новиот бран на глобален музички мултикултурен сензибилитет. Во потрага по излез од тоа „возвишено заточеништво“, музиката ја пронаоѓа својата нужност во Чарли Паркер, Сесил Тејлор, Орнет Колмен и другите од плејадата на бибап, фри-концептот, кул џезот итн.
„Џезмен – формата како глагол“ е наслов на долгометражниот документарен филм што го реализиравме со поддршка на Филмскиот фонд на република Македонија. Филмот е снимен на локации во Њујорк, Софија, Белград и Скопје. Реџи Воркман, Вадада Лео Смит, Сесил Тејлор, Милчо Левиев, Греам Хајенс… Брендон Рос и познати новинари и проследувачи на џезот се дел од оваа документарна сторија. Тајмс сквер, Централ парк, Нублу… Белград, Софија, Скопје… се локациите каде што е реализиран долгометражниот документарен филм „Џезмен“. Дел од филмот е снимен во Чешкиот центар во Њујорк каде што Велибор Педевски со дел од протагонистите на филмот реализирал интересна културна соработка.

Велибор Педевски е новинар што работел во „Нова Македонија“, „Екран“, „Лик“, „Политика“, „Книжевна реч“, „Поп – рок“, „Вјесник“, „Студио“, „Џез Токио“… Радио Скопје – прва и трета програма, Радио Белград, прва и трета програма, Студио Б/Белград, Радио Загреб трета програма итн.Човек со богато искуство и посветеност, но и со фантастична, безмалку аутистична меморија,. може да одговори на секое прашање од областа на џезот, знае точно со која постава настапувал Чарли Паркер во клубот „Брдленд“ во 1939 година во Њујорк, или биографии и куп детали за плејада џез-уметници од сите генерации. Вистинско енциклопедиско азно и поттик за овој документарен филм, кој низ возбудливата и несекојдневно „лајв стори“ содржи и делови од дискусии, кореспонденција и естетски осврти што ги имал низ годините Велибор Педевски, големиот познавач, проследувач и фокус на џезот, со кого во едно начелно се согласивме дека „иако многу се зборува и пишува за џезот, сепак малку и ретко се разбира и допира внатрешното битие на оваа уметност“.
„На жанровите гледам како на доверливи, брзи и функционални ‘излези’ од конкретни творечки состојби и ‘опасности’. Приказната, музиката е она што доброволно влегува и излегува од нив. Во СОВРЕМЕНИОТ ЏЕЗ се испреплетуваат трендовите, технологиите и естетиките, постапка кога безвизно се минуваат границите меѓу жанровите“. Документарниот филм ќе се емитува на 30 април, Денот на џезот на Македонската телевизија. Трејлер за ова остварување http://- https://www.youtube.com/watch?v=9zMYoRkxjes

Aвтор: Аљоша Симјановски