Дигитализацијата на универзитетите

Деновиве во Скопје се одржа Студентски форум со учество на наши и студенти од соседните земји. Не навлегувам во моментот кога се случува ова, но и тоа како сериозно ги третирам сите проблеми поврзани со нашето пропаднато образование, како што и секоја сериозна држава треба да ги третира, а не да се прави глува и да ги политизира нивните оправдани очекувања. Студентите испорачаа петнаесетина барања, сите до едно ветени од претходната власт и, се разбира како и за сѐ друго, нереализирани. Јас на тие барања би додала барем уште толку, но да видиме кои се најгорливите проблеми околу кои мора да размисли и да ги спроведе наредната власт. Овде немам простор да ги елаборирам решенијата на сите проблеми (оставам простор тоа да го сторам понатаму), па затоа ќе се задржам на дигитализацијата на универзитетите.
Што е дигитализација на универзитетите и што подразбираат под тоа нашите студенти? Една широко прифатена дефиниција е: „Дигитален универзитет внесува технологија во сите аспекти на универзитетот за да ги зголеми студентските позитивни искуства, да ја подобри ефикасноста, да ги модернизира операциите, да ги намали трошоците и да обезбеди раст во знаењата на студентите“. Не чув од нашите студенти што точно очекуваат, но ако се сведе дигитализацијата на достап до дигитални материјали за учење (предавања, скрипти, задачи за вежбање, прашања и сл.), тогаш не станува збор за остварување на основната дефиниција за тоа какви треба да бидат придобивките од дигитализацијата на универзитетите. Во овој случај ќе имаме уште поповршно и провинциско учење. Академското студирање подразбира употреба и на странски извори, многу истражувачка работа и е далеку над нивото на прераскажување на предавањата од скриптите.

Сериозната дигитализација е комплексно прашање и така треба да се третира. Најпрво, потребен е целосен редизајн на сегашните таканаречени мануелни процеси, на пример упростување на процедурите на студентската служба. Потребна е работна група што ќе ги осмисли и приспособи процесите кон технологиите и ќе дизајнира нови, дотогаш непостојни сервиси. Потоа, нужна е опрема, пред сѐ безбедна мрежа што мора да има техничка служба за поддршка. Да речеме дека е ова направено, макар што е далеку од тривијално, и подолу ќе се обидам да опишам само некои сервиси што постојат на богати и средно богати универзитети во светот. Таквите постојат одамна. Значи зборувам за најмалку една-две декади назад. Сите универзитети нашле сопствени решенија, кои постојано ги надградуваат. Кај нас не смееме да го занемариме болниот факт дека со генерации назад имаме одлив на млади, не толку и не само поради економски причини, туку пред сѐ и над сѐ поради лошото образование и неможноста младите да обезбедат работа што им гарантира напредување во кариерата. Тоа уште повеќе нѐ задолжува да започнеме со сериозни промени кон напред.
Веќе дебело газиме во 21 век, а дигитализација на универзитетите речиси немаме. Навистина е срамота во ера на севкупна дигитализација на општествата (дигитални јавни сервиси, дигитална економија, дигитална влада) да гледаме огромни метежи пред студентските шалтери за да се завери семестар или да се добие некој документ. Целата општествена неподготвеност дојде до израз за време на пандемијата на ковид, кога студентите беа принудени да учат оддома. Но, како учеа? Повеќето на непрофесионални, небезбедни, отворени, неквалитетни и бесплатни платформи. Постојат специјални платформи за електронско учење, кои се разбира чинат пари, но сигурно не колку хонорарите на вработените во огромен број непотребни агенции. Таквите платформи обезбедуваат не само учење на студентот туку колаборација, врска еден со еден, дискусии, споделување материјали и многу други сервиси. Многу важно, обезбедуваат безбеден пристап кон светското знаење, во кое било време и од кој било тип на компјутер. Некакви такви системи постојат и кај нас, но треба да се провери нивната употребна вредност.

Ако прошетате низ универзитетите во развиените земји, покрај задолжителната употреба на платформа за учење, ќе видите дека секој од нив има развиено свои апликации и нуди сет на сервиси за студентите, но и за наставниот кадар. Со други зборови, секој универзитет има свој интранет. Ќе се обидам да ги систематизирам најважните дигитални сервиси. Кај нас апликациите што ги покриваат соодветните сервиси можат да се развијат и тестираат на еден универзитет и да се споделат на сите, бидејќи сме сиромашна земја, која нема ни толку информатички кадри. Многумина, како што бива со дефицитарна струка, одамна се разбегаа низ светот. Ќе нагласам дека целиот систем на дигитализација на универзитетите мора да важи како за државните, така и за приватните универзитети. Не смее да имаме студенти од прв и од втор ранг. А за квалитетот, ќе зборуваме во друга пригода. Мислам дека има голем број предрасуди.
Смислата на дигитализацијата не е само електронско пресликување на сервисите што постојат туку и создавање нови сервиси. Она што е заедничко речиси за сите светски универзитети од развиените и средно развиените земји се системите: достап до дигитални материјали од професорите и асистентите за основна подготовка на студентот, но и цели онлајн курсеви. Исто така важен е и достапот до универзитетската библиотека (и до факултетската), каде што резервирате книга, резервирате место за учење, резервирате време за печатење, скенирање и цртање (плотер), изнајмувате лаптоп, резервирате PC, разговарате со библиотекарот, нарачувате книга што ја нема во моментот, добивате пристап од дома до бази на научни списанија и друга литература (ова е проблем сам за себе и МОН мора итно да го реши) и др. Втора работа што ја имаат сите е водење персонално досие за студентот (транскрипта), каде што се бележат неговите резултати од активностите во текот на целиот курс. Од тоа се извлекува крајната оцена. Трето, обезбедена е постојана комуникација со професорот/асистентот. Професорот пред да го одржи предавањето, на сите студенти на својот курс однапред им ја задава темата, заедно со линкови од препорачана научна или стручна литература. Така, студентот не е повеќе пасивен „голтач“ на некое сувопарно предавање, туку подготвен, дискутира, задава прашања, решава проблеми и дилеми. Тоа е академско учење, а не повторување на тоа што го кажал професорот во 45 минути. Четврто, студентот уште пред почетокот на семестарот ги одредува и електронски ги запишува предметите што ќе ги слуша (има задолжителни и изборни предмети), имајќи ја пред себе целата мапа на достапни предмети и модули. На тој начин и професорот ја знае групата со која ќе работи. Се разбира дека пред себе ги има електронските сивија на студентите и може соодветно да се подготви. На студентот веднаш му се генерира распоредот на избраните часови. Петто, сето она што кај нас се нарекува „студентски прашања“ може да се преточи во електронски сервиси, под услов процедурите да бидат од новодизајнирани и приспособени кон технологиите.

Шесто, студентите имаат достап до база на сите културни и спортски настани, за кои навреме можат да се пријават и да купат карти, се разбира по бенефицирани цени, или на пример да резервираат спортски терен за свое учество. Исто така треба да го имаат распоредот на предавања на професори гости, за проширување на нивните знаења и општа култура. Седмо и многу важно за проширување на академските знаења е слободен пристап, најчесто преку платформата Линкдин лрнинг (LinkedIn Learning) кон огромен број едукативни видеа. Во моментов има околу 13.000 во разни области и подготвени се од врвни експерти. Осмо, а за студентскиот стандард многу важно, е да можат самите да резервираат свое сместување за учебната година. Треба да имаат достап буквално до секоја соба, во секој студентски дом (државен или приватен), и ако ги исполнуваат социјалните, јасно поставени критериуми, самите да резервираат легло. На тој начин ќе се избегне корупцијата околу распределбата на леглата по домовите, која, верувајте, царува. Самата сум била присутна на една дегутантна сцена, каде што токму студентскиот главешина на еден наш универзитет, вселен во ресторанот на ректоратот, дочекува поситни шефови на студентите, кои му доаѓаат на баци рака за да извојуваат сместување во дом за некој свој. Тоа итно мора да прекине. Во рамките на системот за сместување треба да постои (по примерот на Љубљана) и достапно приватно сместување, чиј квалитет универзитетска комисија го проверува однапред. Доста со сместување на студентите во дупки, за скапи пари. Таквото приватно домување мора да се субвенционира со некоја сума од државата за да немаме социјални неправди. Таму ќе важи системот прв дојден, прв услужен. Оваа база со сместување, во домови или приватно, треба да е заедничка за сите универзитети во градот ако ги има повеќе. Деветто, студентите мораат да имаат достап до берза на слободни места за вработување, каде што освен што би можеле да пронајдат нешто што им одговара, ќе има и форум за споделување на искуствата од работењето во некоја институција или компанија. Во многу високоразвиени земји постои и бесплатна медицинска помош за студентите, која обезбедува безбеден разговор и совети за разни проблеми, како психози, проблеми со сексуалноста, проблеми во семејството и друго.

Се разбира дека секој студент мора да располага со свој безбеден пристап кон мрежата, да располага со студентска електронска пошта на мрежата, како и со студентска картичка со која електронски ги плаќа разните услуги. Да речеме субвенциониран оброк, карти за разни настани, издавање дипломи и слично.
Постојат уште многу сервиси, но ова би бил некој основен сет со цел зголемена ефикасност на процедурите и унапредување на знаењата, но и на задоволството на студентите.
Воспоставувањето ваков систем бара сериозна подготовка и многу стручна работа, во соработка со сите актери во образовниот процес: студенти, наставен кадар, администрација, Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество, врвни дизајнери на информациски системи и програмери. Но, краен момент е да се зафатиме со работа.