Демонстрација на неверојатна желба, карактер и сплотеност!

Македонија го возврати ударот и се пласира на СП

Македонскиот национален тим на импресивен начин, со победа изразена со доволен број на погодоци, на крилјата на македонскиот народ, пресликан во ликот на седумилјадната фаланга во салата „Борис Трајковски“, ја продолжи низата учества на големите натпреварувања, со пласман на СП во Хрватска, Данска и Норвешка. На тој начин ракометна Македонија се враќа на „местото на својот никулец“, на изворното место каде што и стартуваше приказната на генерацијата што од неодамна „ги закачи патиките на клин“, земјата што буди убави чувства кај секој македонски ракометен навивач, земјата што, многу веројатно, следниот јануари ќе биде повторно под опсада на фалангата.
Македонија може, Македонија мора да се претстави во подобро светло во „Борис“!
Го потенцирав тоа и во мојата претходна колумна, го потенцирав тоа уште на почетокот на нашиот разговор во отвореното студио на националниот сервис, ќе го нотирам тоа и тука, колку и некој да ме етикетира како досаден, јас ќе го сметам тоа како комплимент дека сум – упорен, токму со онаква карактерна црта како што треба да се македонските ракометари.
Македонија покажа дека може, предводена од, како никогаш досега, сплотениот македонски народ во преполниот „Борис“, преку македонските ракометни јунаци што го оставија срцето на терен, предводени од две ракометни легенди од клупата, стручен штаб што изведе виртуозна „ракометно-тактичка етида“, поставувајќи ги работите на место, поставувајќи ги вистинските луѓе на вистинското место, како поука од грешките на сѐ што се случуваше на првиот натпревар во Фарски, но и на претходните натпревари на националниот тим.
Македонија мораше да одигра подобро, пред сѐ заради овој наш македонски народ, кој помина и повеќе од доволно понижувања изминативе години, мораше заради луѓето што во континуитет финансиски и на кој било друг начин ги поддржуваат ракометот и спортот воопшто, мораше заради децата што во некоја сала во Прилеп, Кавадарци или Охрид сонуваат да го облечат дресот со националните бои, но и за оние што допрва ќе треба да влезат во сала.
Едноставно мораше за поубава иднина на нашиот спорт.

Што може да се каже за самиот натпревар?

Со огромна почит спрема противникот, имајќи го предвид првиот натпревар, но и силна верба и силно мотивирани да покажат дека Македонецот е најсилен кога е најтешко, нашите ракометари од првата минута дадоа до знаење дека тука нема друга опција освен убедлива победа и пласман на следниот шампионат. Лазаров, поучен од сѐ што се случуваше на првиот натпревар, согледувајќи ги грешките во тактичката поставеност, но и во делот на персоналните решенија на одредени позиции, се одлучи, многу хазардерски, но и исклучително храбро, ставајќи all in, да постави одбранбена формација 5-1, со две клучни измени. Новајлијата во составот Иван Џонов на позицијата „индијанец“ и Милан Лазаревски како играч што од назад ќе командува со македонскиот одбранбен бедем. Првиот со намера да го ограничи влијанието на најдобриот гостински играч Скипаготу, но и да не дозволи течен проток на топка. Џонов како поливалентен играч, кој во напад може да покрие позиција крило, е исклучително интелигентен, „прима“ информации и беше одлично решение за позицијата што му беше доверена. Зад Џонов, во прв ред Лазаревски како играч што е исклучително силен, воинствено настроен, со силна аура и оптимизам, и карактер на војсководец командуваше со зоната, не дозволи нејзина пробојност и беше додадена вредност за своите другари. Покрај Лазаревски, кој на периоди беше одлично заменет од Аларов, на позициите два и пет солидно одиграа и Кузмановски, Јагуриновски, а на моменти Маркоски и Велковски. Тоа беа играчите што на дело ја спроведоа тактичката минијатура на стручниот штаб, „гушејќи“ ги и така, од атмосферата, импресионираните гостински ракометари, принудувајќи ги на (не)очекувано многу технички грешки и шутеви од неизградени позиции. Исто така, Лазаров го ограничи Лазаревски на игра во еден правец, оставајќи го свеж во текот на целиот натпревар, како круцијален играч во одбраната, која на крајот, како многупати досега, се покажа како проверен рецепт за успех. Во Лазаревски, Македонија доби играч што покрај ракометни квалитети, поседува висок степен на самодоверба и непоколебливост, но и личност што истите тие карактеристики знае и ги пренесува на другите свои соиграчи. Македонија, иако и на овој натпревар ја немаше очекуваната поддршка од голманите, сепак врз основа на агресивната зона успеа да постигне доволен број „лесни“ голови, особено во првиот дел, кога се создаваше разликата, но и се подигаше самодовербата на тимот.
Што се однесува на нападот, стручниот штаб, по авантурата во Фарски, од самиот старт „ги спои“ Кумановски и Митев, во правилна поставеност на работите, каде што во добар дел од натпреварот „ракометниот Брус Ли“ беше тој што, како швајцарско сирење, ја пробиваше зоната на противникот. Од друга страна, Кузмановски, со своите квалитети и самодоверба стекната со минутажата што ја добива во својот клуб и лидерската улога во истиот тој, погодуваше од различни позиции, каде што особено беа важни погодоците постигнати „однадвор“ во моменти кога тимот немаше решение. Како последица на играта на овие двајца играчи, кои заедно со Лазаревски се новата оска на македонскиот национален тим, околу која ќе се гради успехот во наредните години, феноменално реализаторска вечер имаше Жарко Пешевски, а својот најдобар натпревар во дресот со националните бои го одигра и Мартин Серафимов. Секако дека во мозаикот на вчерашниот успех свое делче остави и постариот Костески, но и Џонов, реализирајќи ги сите обиди за погодок.
Вистинско уживање беше да се биде завчера во преполниот „Борис“, чувствувајќи ја поддршката на публиката, гледајќи ја мама Ангелина, како горда мајка, рони солзи радосници на трибини, додека нејзиниот Марко ја решети мрежата на противникот, да се види како Мечка отпоздравува во стилот на Че Гевара, кон своите родители, по исполнување на ветувањето дека „ќе изгинам на терен и ќе победиме“, или радоста на мајка Данче, која дава двајца свои синови во националниот тим, прогласувајќи ја вечерта за „една од најсреќните“ во својот живот. Кога го нема Ненад, нема проблем, тука е Никола, има чичко Војне од Струга јунаци што знаат гордо и достоинствено да го носат црвено-жолтиот дрес на Македонија.

Македонија имала и ќе има ракометни јунаци, кои ќе бијат битки на големата сцена

Македонија имала и ќе има армија навивачи што ќе ја следи и ќе биде со неа и во добро и во лошо.
Потребно ни е единство – време е за единство, како на национално ниво, така и во ракометот и спортот воопшто. Затоа што само така може оваа наша Македонија да ги надмине предизвиците со кои (ќе) се соочува(ла).
Честитки до македонските ракометари за успехот и пласманот на СП.
Се гледаме на уште една голема смотра во Хрватска.

Напред, МАКЕДОНИЈА!

Горан Ѓоргоноски