Уште еднаш за ветениот рај

На лагите им се куси нозете, барем тоа секој од нас го знае. И покрај тоа, во овие триесет години останавме без нозе, речиси трупови затоа што не можевме да разбереме дека ние самите сме лагата, дека нашиот живот, нашето постоење се една голема лага. Триесет години, драги мои, ни се сервира лага дека тука во Македонија, сега, не може да биде добро, дека арното, убавото, чесното и возвишеното, сѐ што може да се нарече доблесно, совршено, идеално се наоѓа во НАТО и во ЕУ. И дека она што ние сме го живееле, го живееме и ќе го живееме во Македонија е само подготовка за животот, кој како безмалку некаков земен рај ќе ни се отвори на денот кога ќе влеземе во Европа. Триесет години, потпросечни, необразовани и што е уште пострашно лажно образовани, измамници и криминалци нѐ држат во залог, како живо месо што го разменуваат на пазарот на територии, нации и земји.
Јас доживеав да ја живеам онаа фраза што ни ја кажувале бабите и дедовците, а сме ја читале и по учебници по историја дека Македонија и Македонците биле пара за поткусурување. Сега го гледам тоа. Гледам дека јас сум парата. Сум им бил лут на моите предци што ги изгубиле војната и револуцијата и се предале на Грамо и Вич. Што си ја оставиле земјата и избегале да скитаат по туѓи земји, да спијат под туѓи покриви, да јадат туѓ леб и да плачат за родниот крај каде што небото и земјата биле поблиску едно до друго. Каков личен пад, драги мои. Кој сега ќе ми се лути мене? Ние во овие триесет години сме ставени на тезги, како стока што Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Владо Бучковски, Никола Груевски и Зоран Заев ја разменуваат за моќ, пари, имоти и богатства за нив и за нивните фамилии. Ние сме на распродажба, за жал, евтино, речиси нѐ нудат без пари.
Убеден сум дека ако вака продолжиме, со ова молчење, тие што ќе останат на тезгите ќе завршат како бофл што не вреди ниту пет пари. Со нас ќе ја избришат крвта од калдрмата на пазарот откако ќе ги распродадат закланите јунци, кози и јагниња, кои ќе вредат повеќе од нас. Да не се лажеме, погледнете во овие триесет години што дават во размена за она што им го нудат НАТО и ЕУ? Од 1992 година, па до денес тие не нудат политики, реформи, економија, стока што се произведува во фабриките, во индустриските комбинати на нивите и по полиња или на планините и по пасиштата.

Тие нѐ нудат нас, тие тргуваат со нас и со нашата историја, со нашето минато, со животите на нашите родители, баби и дедовци, со нашите минати, со нашите сегашни и со нашите идни животи. Ништо друго не било предмет на размена за нашето членство во НАТО и во ЕУ! Во 1995 година нѐ разменија нас, нашето име, нашето знаме и нашите животи за членство во Обединетите нации. Киро Глигоров, Стојан Андов и Бранко Црвенковски не понудија аргументи на политиката, туку живо човечко месо Македонци. Во 2001 година Борис Трајковски и Љупчо Георгиевски не учествуваа на пазарот за раздавање на Македонија со борба, со војување, со хероизам, со саможртва, туку со размена на територијата на Македонија и размена на Македонците. Пак ние бевме стока за пазар. Ние луѓето, ние Македонците. Во 2005 година таа продажба на македонската земја и на Македонците по воената пљачка на премиерот Владо Бучковски му беше единствената зделка. Нѐ продаде на референдум, на големо, во вреќи, топтан сосе имоти, сосе нивје, сосе сегашен, минат и иден живот. Да не ни кажуваат приказни дека тоа била добра зделка. Цената на таа трговија, дваесет години подоцна ја утврди јавно, без скрупули, Али Ахмети, дефинирајќи ја како: нема да има Македонец градоначалник на Кичево! Се чудам каква трговија тера сега истиот тој Владо Бучковски со Бугарија, која неговиот шеф Зоран Заев ја утврди на ниво на внатрешна размена на стока, затоа што стоката во Петрич и во Струмица била иста, блеела и мјаукала на ист јазик.
Така стојат работите, драги мои. Во меѓувреме продолжува лагата што на крајот ќе ги сруши и нив, а ја дефинирав на почетокот. Лагата дека тука и сега во Македонија што и да се прави нема да нѐ направи среќни затоа што нашата среќа ќе дојде кога ќе се самодораспродадеме, како што кажа кловнот на македонската современа политика другарот Заев – за љепче! Или како што другарчето палјачо на кловнот ви го понуди за консумација – името: јадете го сега името! Ова стана до толку тривијално што дури и самиот тој, големиот трговец со човечки души, Зоран Заев, пред сите нас кажа дека е разочаран од тоа дека другарите трговци од НАТО и од ЕУ го измамиле во таа трговија, до толку што и него самиот го купиле за ништо, за толку ништо што сега е евтино продаден од нив. И вие, седите и ги слушате, им верувате и се редите на тезгите за продажба за ништо и стоите на ред во кланицата на НАТО и на ЕУ за да ве дозаколат, допродадат, веќе сосема јасно како храна за нивните убави НАТО и ЕУ-пцета и песови.

Не знам, можеби се самозалажувам дека не сум на продажба. Дека не сум ни бил. Тоа знам. И без оглед на сѐ, нема ниту да бидам, па нека се новите трговци сто пати мои браќа и сестри. Ете, да сме си уште сега на чисто. Не зборувам за цената, за тоа колку и дали вредам, туку за тоа дека не се продавам. Можат да ме поробат, да ме стават во окови и да ме однесат на пазар за продажба на робови. Ама само во окови и под стража. Драги мои, пораки одамна, дури и во времето на мојот филмски миленик Џон Форд, се испраќале преку телеграф, а не преку филмови или весници. Благодарејќи на живите господа Гејтс, Закерберг и покојниот Џобс, денес пораки се испраќаат преку СМС и месинџери. Многу лесно, многу брзо и евтино. Јас никому не му порачувам ништо, освен една работа: не распродавајте го тоа малку што остана и ветете ја ветената земја во Македонија и направете од неа ветено место за нашите деца и внуци. Не ветувајте рај што не го знаете и во кој не сте биле. Не лажете. НАТО и ЕУ не се ветениот рај, туку попатна станица кон нашиот земен рај, нашата татковина. Не ветувајте надеж, покажете ја. Не ветувајте подобро, направете го. Не ветувајте поубаво, создадете го. Направете го тоа што го можете и тоа што е добро за вас и за вашите семејства, пријатели и другари. Истото тоа е сосема доволно и за нашите семејства, за нашите пријатели и нашите другари. Рајот во НАТО и ЕУ не постои. Но постои таа поголема заедница на која ние природно припаѓаме и без вашите приказни за нив и за неа. Ние одамна знаеме дека НАТО и ЕУ не се приказни туку реалност во која живееме, за жал, сосема на периферијата од таа приказна. И уште долго, а можеби и засекогаш тоа така и ќе остане.

Авторот е режисер и универзитетски професор