Македонската политика – нашиот пат до очајот

Дали Зоран Заев трајно ја оштети македонската демократија? Секако. Но повеќе од тоа направи да се чувствуваме мизерно и бедно по сите пазари и лаги. Многу помизерни и предадени од порано. Ја уби надежта кај луѓето, ја закопа нивната иднина, правејќи ги несреќни. Кај нас веќе не разговараме за политиката. Ние се расправаме, се навредуваме, се лутиме, ги повредуваме чувствата едни на други

Не можете да избегате од политиката во 2021 година, тоа е невозможно. Иако се држам до мотото дека никој нема да ви ги реши проблемите, свесен сум дека политиката директно влијае на вашиот живот, создавајќи ги. Ако ја читате оваа колумна, веројатно се чувствувате доста мизерно за сѐ што ни се случува во државата поврзано со тековната политика. И верувајте, ќе биде полошо.
Гледате, ако сте кликнале на овој напис или сте зеле весник за да го прочитате, најверојатно сте некој што следи политика. И некој што очигледно повеќе или помалку е навлечен на политиката. Да се разбереме, не се залагам за незнаење, апатија, самозадоволство или усвојување филозофија слична на нојот со главата во песок за „она што не го знам, не може да ме повреди“. Но почнувам да мислам дека нашата национална опседнатост со политика достигна нездраво ниво. Секако дека ви требаат информации за да го разберете светот на политиката. Ако воопшто може да се разбере нашиот.

Вие, како и јас, консумирате политички вести и коментари на компулсивен, намерен начин, доброволно подложувајќи се на нездрави стимули, особено преку социјалните мрежи, што прави статистички да бидете понесреќни од некој што воопшто не ги следи вестите. Особено во годините на оваа власт, која нѐ направи помалку среќни затоа што целиот систем што постои, поставен и одржуван (со пари, секако) од неа е во функција да го омаловажи и деградира секој со различно мислење, а стимулациите се најголеми за неподносливо одвратните во политичкиот спектрум.
Сега повеќе од порано социјалните мрежи се дополнително виновни за голем дел од нашата беда. Светот на интернет е постојан натпревар на театрално оштетените, со понижување и потсмев ги удира недоволно просветлените. Очигледно верата во владата и политиката им ја одзема личната среќа на луѓето, додека чекаат власта да ја поправи економијата, да им го спаси животот од пандемијата, да го намали термостатот на земјата, да донесе струја во нивните домови, или да се погрижи нивните деца да добијат подобро образование. Одамна заборавивме дека личната среќа е во наши раце, наместо во неодговорната влада. Или тоа беше поврзано. Очигледно ве напуштила надежта штом сте кликнале овде.

Македонската политика е нашиот пат до очајот. Особено денес, кога целосно падна фасадата од лажната демократија на Заев. Тешките политички изборни тактики за преживување ја разоткрија целата празнина на македонскиот политички хермафродитен режим. Изборните измами и медиумските манипулации беа и се во самиот центар на оваа стратегија низ која Заев & компанијата безмилосно го усовршија системот на „лажна“ демократија. Поривот да се одржи власта по секоја цена е мотивиран од месијанската заблуда дека само Заев и неговата СДСМ стојат меѓу Македонија и хаосот. Притоа се направи обид да се амортизира и затскрие, неговиот сопствен страв и стравот на инсајдерите во системот за тоа што би можело да се случи со сите нив доколку тој биде соборен. Не дека не се обиде во изминатите години премиерот во заминување овој систем на лажна демократија да го направи да изгледа како стабилен облик на политичко управување. Неговата лажна реторика беше шок за демократските норми на владеење, нанесувајќи ѝ непоправлива штета на демократијата во Македонија. Не треба да се залажуваме дека заминувањето на Заев од политиката ќе значи крај на политичката криза што ја генерира низ неговото авторитарно владеење. Таа криза допрва ќе ескалира. Сега конечно можеме да видиме што се случува кога светот го третира забеганиот корумпиран режим како функционална демократија. За жал, сѐ уште има такви што му се восхитуваат на овој начин на водење бизнис во политиката. Пазарџиски.
Дали Зоран Заев трајно ја оштети македонската демократија? Секако. Но повеќе од тоа направи да се чувствуваме мизерно и бедно по сите пазари и лаги. Многу помизерни и предадени од порано. Ја уби надежта кај луѓето, ја закопа нивната иднина правејќи ги несреќни. Кај нас веќе не разговараме за политиката. Ние се расправаме, се навредуваме, се лутиме, ги повредуваме чувствата едни на други. Премногу луѓе се потпираат на тоа колку ваквиот политичар и неговите политики ќе влијаат на нивните животи. Ги направи да бидат зависни од политиката. Затоа и бевме емотивно вовлечени во драмолетката и сапунската опера што ни ја пласира Заев со неговата безумно калкулантска политичка инклузивност на Алтернатива, правејќи да се чувствуваме мизерно и понижено по сѐ. Успеа истовремено да бидеме заинтригирани од политиката и да чувствуваме мачнина од неа. Мора да се признае дека сите нѐ вовлече да бидеме дел од неговата политичка игранка, како да сме дел од најважниот период во македонската историја. Можеби не најважниот, но секако најсрамниот.
Во својата класична книга „Живеење со хималајските мајстори“, хинду гуру Свами Рама го раскажува денот кога неговиот господар го научил за природата на маја или илузијата. Без предупредување, неговиот господар цврсто се фатил за дрво и извикал: „Помогни ми! Моето тело е фатено од ова стебло“. Свами Рама се исцрпил обидувајќи се да го оттргне својот господар од дрвото, но безуспешно. Конечно, неговиот господар се пуштил и рекол смеејќи се: „Ова е маја“. Тој објаснил дека беспотребно ја приврзуваме нашата судбина на надворешни работи, што носи беда. Едноставното решение е: само пуштете се. Од сѐ што ве прави несреќни. Особено политиката. Зашто опседнатоста со политиката ги повредува вашата среќа и вашите врски. Секако, ако можете. Сепак, светот е фасцинантно место, полно со интересни луѓе, а Заев секако не е еден од нив.