Зошто грчката опозиција е жестоко против договорот од Преспа?

Прво, воопшто не треба да биде спорно дека грчката опозиција жестоко го одбива договорот поради внатрешни политички интереси: доаѓаат избори и тие прават сѐ за да ги добијат. За таа цел користат тежок национален историски синдром. Проблемот со нашето име, кое нѐ симболизира како народ, кај нив не е измислен. Сите таму, над сто години, се воспитувале и учеле дека не постоиме како Македонци. Тоа е вкоренето кај нив и не се менува прекуноќ. Нивните емоции за ова прашање се навистина на исклучително високо ниво и на таа карта играат опозицијата, Каменос…

Второ, и за нас клучно, грчката опозиција НАМЕРНО создава атмосфера дека договорот е лош за Грција, за да им даде „аргументи“ на нашите предавници дека – „победиле“, за полесно да ја протнат капитулацијата во земјава! Нѐ прават недоветни, ама со добра причина. Паралелно, грчката опозиција го моли господ да помине договорот и кај нас и кај нив и да се затвори проблемот. Тој е срамен за Грција, бидејќи им ја изрезили земјата. Така, ем ќе ја немаат таа непријатност на маса кога ќе дојдат на власт за нецела година, ем поради договорот ќе ги збришат Ципрас и СИРИЗА на следните избори. Во интервју за ТВ Скај (25.9.2018), на разбирлив начин тоа го потврди и Кумуцакос, одговорен за надворешна политика на Нова демократија: „Ако гласаат (ние на референдумот) со ’не’, тоа значи дека во оваа земја длабоко е вкоренет национализмот!?“ Значи, се надеваат дека ќе гласаме со „да“.

Трето, сосема е сигурно дека лидерот на опозицијата, Мицотакис, и сите други грчки „противници“ на договорот се апсолутно уверени дека поголема наша капитулација никогаш не можат да постигнат. Тие се свесни дека Грција го доби максимумот што до вчера не можеа ни да го сонуваат. Тесните политички интереси, историските синдроми и екстремниот национализам го диктираат ваквото однесување.

Четврто, сите тешки измами и манипулации на нашите капитуланти дека Грција прифатила дека сме ние Македонци, се историски срам. Атина никогаш не би го сторила тоа и да ги окупираме. А, со оглед дека со договорот сме избришани како Македонци, таква потреба веќе и – нема.

Петто, кои се „аргументите“ на грчката опозиција против договорот? Клучно е, секако, спомнувањето на македонскиот јазик. Тоа е, меѓутоа, факт што никој не може да го оспори. Македонскиот јазик е етаблиран во светот – има лекторати, македонисти, нотиран е во ООН иако привремено, а, како што видовме, потврден е и на конференција на ООН одржана токму во Атина во 1977-та. Што може прав мајстор да стори во таква ситуација? Единствена шанса му е максимално да го девалвира јазикот. Грција токму тоа и го стори – нѐ натера да изјавиме и потпишеме дека нашиот јазик „спаѓа во групата јужнословенски јазици“. Знае ли некој во која група спаѓаат францускиот, англискиот, германскиот…, та и грчкиот? И, важно ли е тоа? Претходно, на Бугарите им прифативме дека јазикот ни е според Уставот, што значи дека не е автохтон и дека пред 1944 година, кога немавме Устав, немаше ниту можеше да има македонски јазик. Многу просто, зар не?

Нашата најголема грешка е зошто дозволивме Грција да го утврдува нашиот јазик. Од каде таква потреба и мандат? Ниту во резолуциите на СБ на ООН ниту во катастрофалната Привремена спогодба нашиот јазик не е спомнат. Зошто сега Грција ни се меша во јазикот? Зошто е тој под наводници во договорот, како нешто што не постои? Така е бидејќи нивната главна цел е тој да се стави на маса, како нешто спорно, што зависи од нив, за да се отвори патот за негово понатамошно девалвирање во преговорите со ЕУ. Сега немаа никаква основа да ни го прекрстат јазикот, ама, чекор по чекор, на пат се да го ликвидираат. „Нашите“, пак, сметаа дека со јазикот ќе мавтаат како со наш успех, а наивно паднаа во туѓ трап.

Практично, сами го отвориме патот нашиот јазик да биде тема при приемот во ЕУ. Како, ќе видиме. Бидете уверени дека Софија нема да дозволи нашиот јазик да се регистрира како македонски, без некакви додавки и објаснувања. Тоа и го најавија на неодамнешната конференција на ЕУ: официјално напишаа „јазик на поранешната…“. Нема македонски. Се разбира дека ние премолчивме. Будалите немаат рогови.
Нема друг јазик зад кој се влечат вакви опашки. Самото тоа веќе потврдува дека нашиот е спорен. Тврдењата, пак, на нашите капитуланти дека со тоа што Атина прифатила дека јазикот на новформираната држава ЌЕ БИДЕ македонски (значи не е сега) автоматски прифатила дека и ние сме Македонци, се тешка измислица. Коѕијас веќе ни порача „јазикот не значи етнос“ и објасни: Австралијците зборуваат англиски ама не се Англичани. Или, Велшаните зборуваат велшки ама се Британци… На тие што ги разбираат работите и го гледаат целиот мозаик им е јасно дека сето ова е само привремено – до егзекуцијата на јазикот во преговорите за ЕУ
Шесто, грчката опозиција се фаќа и за членот 7, во кој се дава објаснување како треба да се разбираат термините „Македонија“ и „македонски“, бидејќи се однесуваат „на различен историски контекст и културно наследство“. Во членот 7 став 2, нашите капитуланти и аматери „утврдија“ дека „овие термини ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна (егејскиот дел) туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден“. Ова е толку бесмислено и смешно што не треба да сте историчар за да им се чудите на умот на тие што од наша страна го прифатиле. Овој дел од регионот Македонија за првпат во историјата потпаднал под власт на Грција по Втората балканска војна, во 1913 година. А, сега, таму сѐ е античко и, според нас – грчко. Ако е така, што правиме со вистинските, нашите Македонци таму? Тие, значи, немаат врска со нас ама се антички! Неверојатно. „Јакнејќи“ го нашиот идентитет, ние не се осмеливме ни да го спомнеме малцинството во Грција!

Став 3 од членот 7 е, сепак, поинтересен за нас: „Во однос на Втората страна (тоа сме ние), овие термини (’Македонија’ и ’македонски’) ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во членот 7 став 2“. Треба веднаш да ни биде јасно дека со ова се објаснува минатото, а не сегашности или иднината. Дека досега било така, никој не може да спори. Според ставот 4 од членот 7, овие термини ние отсега ќе можеме да ги користиме САМО НЕОФИЦИЈАЛНО, дома и меѓу себе.

Членот 7, на кој се повикуваат и наши „експерти“, има двојно дејство: а) за Грција – како ќе биде во иднина: дека со наша согласност го добиваат монополот на терминот „Македонија“ и придавките „македонско/а/и“ и б) за Македонија – да дефинира како било досега – што сѐ означувале терминот и придавките за нас. Целта е да се заокружи еден историски период, кога постоеше оваа наша Македонија, во Југославија или самостојна и кој не може да се избрише. Таа Македонија, со промена на името и забрана да користи „Македонија“ и „македонски/а/о“, сега ја снемува и оди на ѓубриштето на историјата. Се откажуваме од нашето малцинство во Грција, што е најголем ќар за нив. Со овој член не ни се признава или прифаќа никаков идентитет туку, едноставно, нѐ отпишуваат како народ. „Признаваат“ дека како такви сме постоеле од 1944-та до овој договор, злоупотребувајќи ги придавките, како што вели и Ципрас, и никогаш повеќе. Ни дозволија да ни останат како македонски само Каменица и Брод. Сѐ друго „македонско“ ни е или ќе ни биде – забрането.
Седмо, грчката опозиција го користи и државјанството што беше досега – македонско. Не е реално да се очекува, и да си поразен во војна, тоа одеднаш да се промени. Затоа се оди етапно. Сега се преполовува – „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, а во преговорите со ЕУ првиот дел логично ќе отпадне. Ќе остане само второто, со кое целосно се брише македонскиот карактер на државата. Од Северна Македонија не може да произлегува „македонско“ државјанство. Него го „дава“ името на државата. Тоа не може да се споредува со Северна Ирска, која е поделена држава.

Коѕијас јавно кажа: „Ние ги направивме нив ’граѓани на Северна Македонија’“. Обратете внимание на речникот – „ние ги направивме“. Тоа е апсолутно точно ама, сепак, непрецизно. Требаше да каже „ние ги урнисавме во…“.
Осмо, според светската практика, „Северна Македонија“ е обичен географски термин, кој не симболизира име на држава, освен ако е таа поделена та има и „јужна“. А, нема.
Деветто, сето ова им е прекрасно познато и на грчката опозиција и на сите тамошни екстремисти. Грција доби незаслужена премија. Најдоа овци и ги стрижеа и под кожа. Така е во политиката. Нема место за аматери.
Десетто, за крај, да ја цитираме извонредната дефиниција на Љупчо Ристовски, кој во врска со обврската да се смени сѐ што е македонско во државава (МАНУ, МРТ, МОБ, МИА…), вели: „Се симнува државотворноста на македонскиот народ од секоја официјална државна институција, кои, пак, губат секаква етничка компонента и белег и стануваат ’ничии и сечии’…“. Ова е, секако, најдобар доказ за огромното „зајакнување“ на нашиот национален идентитет, кое ни го носи договорот со Грција, како што тврдат „нашиве“.

Судбината на македонскиот народ е во наши раце. Референдумот не успеа, ама ако дозволиме да ни ги сменат името и Уставот, со што ни го бришат и идентитетот, сите носиме историска одговорност.

Авторот е поранешен дипломат