Време на избори, време на одговорност

Пораката до граѓаните е многу едноставна, драги граѓанки и граѓани на Македонија, ние никогаш нема да одговараме морално, а уште помалку кривично и, во отсуство на индивидуална одговорност, единствен начин да одговараме е колективно да нѐ
казните на избори!

Одговорноста не е доблест што вирее кај нас, за што се пишувало, анализирало, дебатирало, но напредокот сите овие години не е видлив, напротив веројатно назадуваме. Пред две седмици, во Министер за смрт, посветено на трагедијата во Тетово, посочив како се менува погледот на одговорноста од агол на власт и на опозиција, низ случајот за Тамара и Никола Тодоров, тогаш наречен министер за смрт, и тетовската трагедија. Тогаш Марјан Забрчанец, еден од главните организатори на протестите за одговорност во случајот за Тамара, сега е веројатно главниот во владиниот пиар за замаглување на одговорноста за Тетово. И напишав дека не можев да се присетам на ниту еден случај на кривична одговорност на вршител на функција, а и моралната одговорност е сведена на неколку, дали и толку примери. На министерско ниво единствен пример е Антонио Пешев, министер за транспорт од 1992 до 1994 година, кој поднесе оставка од морални причини по третата авионска несреќа во 16 месеци.
Одговорноста, односно нејзината спротивност неодговорноста е во тесна врска со неказнивоста. И тоа не се однесува само на кривична одговорност за несреќи туку и за сторени злоупотреби на власта. Тоа што напишав дека не можев да се присетам на ниту еден случај на кривична одговорност на вршител на функција, поврзан со несреќи во нивниот ресор, ме принуди да истражам дали има кривична одговорност и за злоупотреби и криминал. Во 30 години независна Македонија кривична одговорност, со правосилна пресуда и служење на казната, за вршител на функција има неколку, од кои највисоката е за заменик-министер.

Неколку високопрофилни случаи, како тој на Љубен Пауновски, Љубе Трпевски и Владо Бучковски, завршија на начин што оди во прилог на неказнивост, или да оставам резерва на политички мотивирани прогони. Случаите на Доста Димовска, министерка за внатрешни работи, и на Зоран Заев, тогаш градоначалник, завршија со аболиции, како и Никола Груевски и повеќе лица амнестирани од Ѓорѓе Иванов. Љубен Пауновски, министер за одбрана во 2001 година, беше осуден во 2007 година на повеќегодишен затвор, за злоупотреба на функцијата со штетни набавки. Во 2009 година е баран за отслужување затвор, но не можев да обезбедам информација дали ја отслужил казната. Во 2019 година, Љубен Пауновски добива пресуда во Европскиот суд за човекови права за повреда на правото на правично судење во разумен рок. Љубе Трпевски, гувернер на Народната банка, во 2004 година е осудена на повеќегодишен затвор, поради сомнителни гаранции на банка што пропаднала. Во 2009 година, по еден месец отслужување на казната е ослободен од Врховниот суд. Владо Бучковски, осуден во 2008 година на повеќегодишен затвор за злоупотреба на функцијата министер за одбрана за штетни набавки, заврши со застарување на случајот.
Поведението на власта и на Зоран Заев, во случаите на Сашо Мијалков и Драги Рашковски, во чија одбрана се стави, неприфаќањето на оставката на Венко Филипче, како и поведението на правосудството во случаите на Боки 13, Катица Јанева и други, укажува дека Зоран Заев се бори за зачувување на неказнивоста. Љупчо го амнестира Бранко, Владо – Љупчо, Никола – Владо, Зоран – Никола и веројатно е очекувањето низата да продолжи. И токму сега се води голема борба зад кулисите за опстанок на неказнивоста.

Пораката до граѓаните е многу едноставна, драги граѓанки и граѓани на Македонија, ние никогаш нема да одговараме морално, а уште помалку кривично и, во отсуство на индивидуална одговорност, единствен начин да одговараме е колективно да нѐ казните на избори! Затоа во Македонија времето за избори е единствено време за одговорност! Само кукавица се крие зад групата и нуди колективна одговорност наместо индивидуална, а само незрела клиентелистичка група го прифаќа тоа. Младиот австриски премиер Курц има повеќе политичка зрелост и со брзото прифаќање на моралната одговорност и оставката на премиерското место се обидува да ја спречи ескалацијата на скандалот, да ја заштити партијата од предвремени избори и колку што е можно да ја спаси својата политичка кариера како лидер на партијата. Кај нас со неказнивоста, многумина политички лидери завршија како целосни политички губитници и маргиналци. Чест на исклучоците!

Време на избори, време на одговорност! На 17 октомври, граѓаните треба да размислат дали на овие избори е време за одговорност на власта и СДСМ и ДУИ, бидејќи следната можност ќе биде за три години во 2024 година. А оваа власт треба да биде повикана на одговорност поради од повеќе причини: големата штета со менувањето на името наспроти неостварените придобивки од тоа (ЕУ), владеење на правото (неказнивост), корупција и други работи што може да се додадат во низата. Секако, ова се локални избори и повикот за казнување на власта не значи и казнување на кандидатите на власта за градоначалници, ако истите тие се добри. Во 2017 година имавме такво масовно казнување на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и не доведе до позитивен ефект. Некои ќе речат, да, време е на избори и време е за одговорност на СДСМ и ДУИ, но ВМРО-ДПМНЕ и АА не се соодветна понуда. На овие избори има широка понуда, има и нова понуда и дека нема добра понуда не може да биде изговор за апстиненција од изборите.

Време е на избори, време е за одговорност!
#Избори2021
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek