Животот, драги мои, се создава низ процес на образование и воспитување. Мачно, секојдневно и со многу грешки, падови, кревања и повторувања. И пак одново и одново! Невозможно е да се произведе поединец и личност без создавање основна лична база од морални и етички вредности, кои во краен случај секого од нас го прават да биде тоа што е: единствен, посебен и различен од сите други милијарди живи луѓе на овој свет. Единственоста и посебноста се создаваат со чинот на раѓање, со вкрстување на силите на генетиката и подоцна со низата постапки преку семејното и општественото воспитување и образование. Но човек не може да живее и да опстане во поднослив мир со другите луѓе и општеството во целина ако не знае како да биде функционален, односно ако не научи како (да) функционира (во) овој свет! Тоа е таа проклетија
Драги мои анархисти! Функционалноста на секој психофизички здрав човек е ограничена од воспоставените општествени прописи во облик на закони и правила. Вообичаено, тоа е плетенка од односи што во голема мера се темелат на моралните и етичките вредности на таа заедница, кои преку закони само се дополнуваат и дефинираат со пропишани награди за оној што ги почитува и казни за оној што ќе ги прекрши тие закони и правила! Тоа е составот на владеење на правото. И секако, достапност до правдата преку правото – за секого, без оглед на неговата класна, расна, етничка, верска, политичка, полова, сексуална или друга припадност или определба. И сето тоа заедно се нарекува република или демократија. Како сакате! Нарушувањето на овој баланс создава општествена недоверба, антагонизми, а на крајот и конфликти, кои завршуваат со крв. Не еднаш и не двапати. Нема заедница што не пропаднала во војна и меѓусебни колежи заради растурање на составот на владеење на правото и правдата. И нема заедница што се кренала од тој пепел без претходно, пред сѐ, над сѐ и покрај сѐ да не воспоставила владеење на правото и достижност на правдата.
Да не се лажеме, драги мои, никој, ама никој во Македонија не верува повеќе во владеењето на правото и достижноста на правдата за секого! Во оваа земја е урнат целиот правен состав, почнувајќи од највисокиот – уставотворниот, па до поединечните закони и прописи, кои определуваат најобични правила од областа на сообраќајот, да речеме! Правото во Македонија не се применува кај оние граѓани што имаат политичка, економска моќ и заштита од поединци и групи од други држави или организации од странство! Во оваа земја не се извршуваат ни правосилни судски пресуди против функционери што докажано направиле финансиски криминал, со што до крајни граници се руши довербата на обичниот Македонец во владеењето на законите за секого! Во оваа земја се ослободени од законска одговорност криминалци што со оружје се кренале против сопствената земја и убивале недолжни цивили!
И покрај повеќе од дводецениски напори за воспоставување правен поредок во услови на демократија со носење ново законодавство, тренинзи, обуки на судии, обвинители и судската администрација, немилосрдно трошење неколку стотина милиони долари во создавањето на судската и обвинителската инфраструктура и технологизација, и покрај постојаните забелешки и препораки од разни европски и светски институции и поединци и мачното и долго експертизирање од страна на видни правници и професори од Европа и Америка, во оваа земја постои сѐ поголемо и поголемо беззаконие од феудалистички вид! Македонија е држава во која обичниот граѓанин нема идентификација со државата и нејзиниот правен и праведен систем! Македонија е правно и праведно пропадната држава! Значи?
Што е следното што треба да се сруши? Уривање на целиот судски состав и распуштање на сите судии и сета судска администрација и распишување државни огласи на кои ќе се изберат судии и обвинители според американски начин на непосредни и тајни избори. Ограничување на возраста на судиите за почеток на судечка кариера на 50 години (британска практика), со кревање на границата за пензија на 70 години и воспоставување вредносен состав што ќе се темели на професионализам, квалификации, компетенции, знаења, вештини, но и на профилактика, ветинг, препораки, јавна граѓанска поддршка и, секако, највисокиот критериум, избор од страна на граѓаните, со што се намалува на подносливи граници влијанието на политички, економски и странски центри на моќ врз судиите и судската администрација. Недозволиво е да се именуваат судии на 30-годишна возраст, кои, без разлика на нивните квалификации, не го поседуваат она што е основно за еден човек да може да раздава право и правда, а тоа се човечкиот интегритет и животното искуство.
Избор на претседател на Судскиот совет и претседател на Врховниот суд од редот на дијаспората, за воспоставување идентификација на Македонците со државата Македонија на највисоко ниво, а со тоа и воспоставување конечен состав на споделена одговорност во земјата и надвор од неа, особено имајќи во обѕир дека со овој интензитет на емиграција за десетина година ќе се израмни бројот на Македонци во Македонија и Македонци надвор од неа!
Избор на судии на Уставниот суд на избори, доживотно и само од редот на поранешни судии на врховни судови или од редот на пензионирани универзитетски професори по право, со задолжителен избор на половина од судиите од дијаспората и носење нов закон за уставен суд, со кој ќе се определат рокови за изјаснување на судот за секој правен акт во земјата. На тој начин ќе се зголеми довербата во составот што ги исцрпува сите правни можности, со што ќе се намали антагонизмот на разните општествени групи во однос на правниот поредок на државата и ќе се отфрли политичкото влијание со досегашната практика на непостапување на Уставниот суд по одделни предмети.
Избор на јавен обвинител и негови заменици на општи избори, со воспоставување правила за избор на неограничен број специјални обвинители во рамките на постојните обвинителства за посебни случаи што предизвикуваат посебен општествен интерес за зголемување на општата доверба за достижност на правдата за секој граѓанин.
Измена на огромен број од постојното законодавство, со носење јасно разбирливи, недвосмислени и едноставни законски одредби на јазик што секој граѓанин може да го разбере и примени. До промена на целата регулатива да се основа совет за толкување на законите што ќе биде обврзан на секој граѓанин, бесплатно и брзо, да му достави толкување на секој закон или пропис. Начинот на читање и примената на законските прописи треба да биде буквален! Од збор до збор! Треба да се создаде „фетиш“ кон буквалното толкување и примена на законите. Да се формира невладино тело или организација што секој ден, насекаде и во секое време ќе пренесува порака за достапноста на правдата до секого и против секого. Низ составот на образование и воспитување во семејната и училишната практика да се создаде култура на страхопочит кон обвинителството, обвинителите, судот, судиите и кон законот воопшто!
Создавање независно и влијателно адвокатско општество, кое ќе биде баланс помеѓу полицијата, обвинителството и судот, повторно со крајна цел зголемување на општата доверба на граѓаните во државата Македонија.
На крајот, сите убави приказни на политичките партии, политичарите, групите за влијанија, медиумите, домашните и странските сезнајковци за демократија и слобода, личниот и општиот развој ќе бидат само лага и невозможна мисија ако пред тоа, поради тоа и наспроти сето тоа не се воспостави држава во која правото и законот ќе бидат почетната и крајната точка за секое граѓанско дејствување на кој било поединец, група или кој било друг приватен или државен правен субјект!
Драги мои, никој образован и самосвесен човек подготвен да живее од сопствен труд и сопствен ум нема да го прави тоа во земја како Македонија, во која за правната сигурност, владеењето на правото и правдата се зборува внимателно, во доверба, тивко, со потсмевање, иронија и цинизам!
Ваква Македонија, со вакво правосудство, е ништо друго освен попатна станица помеѓу младоста, која завршува, и животот, кој треба да почне во некоја друга земја, некаде по Европа или преку морињата, во секој случај!
Сепак, јас искрено верувам дека на добро образован и пристојно воспитан човек не му се потребни правото и правдата за да управува или да остварува сопствени или интереси на групата на која ѝ припаѓа. Нему правото и правдата му се потреби за да ги заштити своето образование-знаење и своето воспитување-вредности од тие што сакаат да му ги одземат и да ги наметнат своите! Во нашево општество тоа се политичката и новопечената бизнис-елита од една страна и општествената деформација односно криминалот од друга страна. Тие заедно сочинуваат само околу 10 проценти од нас! Тие се злото на средната класа! Тие сакаат да управуваат со нас преку рушење на образовниот и правниот состав и така кај нас и нашите семејства да произведат страв, се разбира, нудејќи ни заштита од тој страв во исто време! Затоа, вие образованите и воспитаните, верувајте во ова и секаде каде што можете и секогаш кога ќе можете правете ова да биде можно и од егоистични причини. Драги мои, направете го заради себеси!
Авторот е режисер