За жал, колку и да се обидувам да бидам толерантен кон сите глупости што ми ги приредија политичарите во последниве години, не успевам во обидот да го видам светот преку нивните очи. Но затоа гледам како функционалната глупост кај нас е организиран обид да се спречат луѓето да размислуваат сериозно за глупостите на власта
Јазот помеѓу експертската анализа и јавното мислење се чини дека се зголемува од ден на ден. Особено по авантурата со промена на името на државата и пазарењето со нашата историја. Без оглед дали ми се допаѓа или не, очигледна е значителната поддршката од народот за политиките на старо-новиот премиер Заев, иако за мнозинството експерти тие се крајно сомнителни и во најмала рака спротивни на националните интереси на Македонија. Може колку сакате да предупредувате за катастрофалните опасности од ваквите политики, но факт е дека многу членови на јавноста сметаат дека се нужни и оправдани за нашите евроатлантски интеграции. Можеби сето тоа е измама, но еден дел од јавноста не им верува на експертите. Им верува на политичарите и покрај толку изречени лаги и глупости. Тоа е македонскиот парадокс на глупоста.
Зашто е тоа така? Еден од можните одговори е дека јавноста нема доволно коефициент на интелигенција, доволно образование или соодветни информации за прецизно мерење на аргументите. Ова објаснување може да им се допадне на експертите чие мислење е игнорирано, но не е целосно точно.
Поголемиот дел од јавноста има доволно сурова интелигенција за да ги измери основните аргументи. Вториот одговор е дека се намалува довербата на јавноста во експертите. И тоа е точно. Тоа е свесен политички поттикнат процес на игнорирање на информациите што ги оспоруваат политичките лаги и глупости. Очигледно дека довербата во експертската јавност намерно е девастирана од политиката и контролираните медиуми, за да се потцени и игнорира нивното мислење. Како поинаку политиката ќе доминира со јавноста и ќе го оправда своето нерационално и погубно однесување кон прашања од висок национален интерес.
Тој што го советува Заев (не мислам на оние негови советници на плата без образование) сиве години игра на картата на нашите вградени когнитивни пристрасности. Луѓето имаат тенденција по секоја цена да го избегнуваат она што психолозите го нарекуваат когнитивна дисонанца.
Кога фактите не одговараат на нашите верувања, ние повеќе сакаме да ги менуваме фактите, а не нашите верувања. Затоа оној дел од јавноста што ги подржува политиките на власта едноставно ги игнорира ставовите на експертите кога тие се косат со нивните. Токму така функционираат следбениците на Заев. Нивната пристрасност ја намалува фреквенцијата на нивното аналитичко размислување.
Затоа македонскиот парадокс на глупоста создаде амбиент на прифаќање идиотски идеи и практики во политиката како мошне разумни. Се чини дека културата на глупоста е сеприсутна и изгледа неизбежна со ваквата власт. Денес само глупоста може да ве ослободи да се вклопите во новиот политички амбиент во Македонија. По сѐ што ни се случува во политиката има смисла да се биде глупав и да се биде дел од креираниот парадокс. Можеби како никогаш досега живееме во време кога незнаењето и глупоста триумфираат. Кога глупоста не е хендикеп.
Во амбиент каде што глупоста длабоко навлегува во нашата перцепција и практикување на политиката, ние другите сме во очајна потрага да покажеме дека не сме дел од парадоксот. Ова го правиме со сигнализирање на нашето знаење и интелигенција. Ние сакаме на јавноста да ѝ покажеме дека знаеме.
Но оваа војна против глупоста во Македонија е однапред изгубена. Зашто ова е заговор за зачувување и одржување на глупоста. Денес луѓето не се плашат да изгледаат глупаво. А и зашто би. Кога имаат модел во своите политички лидери. Затоа единствено што можете да направите е да ги намалите вашите стандарди во напорите за подобро толерирање на глупоста во политиката и вашето опкружување. Само така може да постапувате со луѓето за кои сметате дека се со помал интелектуален калибар од вас, за да се претставите себеси како пријателски расположен и разбирлив, наместо непријателски и контроверзен.
Да се покаже емпатија е далеку еден од најдобрите начини да се минимизира, па дури и да се ублажи нетолеранцијата што може да ја имате кон другите и нивните глупости. За жал, колку и да се обидувам да бидам толерантен кон сите глупости што ми ги приредија политичарите во последниве години, не успевам во обидот да го видам светот преку нивните очи.
Но затоа гледам како функционалната глупост кај нас е организиран обид да се спречат луѓето да размислуваат сериозно за глупостите на власта. Гледам како политичките лидери ги охрабруваат следбениците да избегнуваат премногу размислување за поширокото значење на нивните постапки и да поставуваат премногу прашања. Нивните когнитивни капацитети се дефинирани од актуелната политика. Македонскиот парадокс на глупоста е „глупост предизвикана од лидерството“. Слепо следење без размислување.
Затоа единствено што можам во моментов е да бидам критички настроен кон нив и глупостите што ги направија во последниве години. Сепак, можеби парадоксот на глупоста е погубен за државата, но има нешто вродено комично во врска со него. Ако веќе сме принудени да ги трпиме лагите и глупостите на политичарите, барем можеме да се забавуваме. А има толку многу за забава.
Главната дилема во „парадоксот на глупоста“ е зошто во свет на сè попаметни луѓе, толку често завршуваме со неверојатно глупави одлуки. Таа дилема не постои кај нас. Зашто ние веќе одамна не сме светот.