Предизвиците со кои се соочуваат предвреме родените бебиња и нивните родители се бројни, а за нивно надминување огромна улога има соработката со дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор. Во нашата држава предвреме се родени околу 25 проценти од децата. Овој месец е посветен на подигање на свеста за предвреме родените бебиња

Според Светската здравствена организација за предвреме родени бебиња се сметаат оние кои се родени пред завршување на 37. гестациска недела (ГН) од вкупно 40 на целосна бременост. Според гестациската недела кога се родени, раѓањето се дели на: умерено до касно предвремено раѓање (32-37 ГН), многу рано предвремено раѓање (28-31 ГН) и екстремно рано предвремено раѓање (под 28 ГН).
Предвременото раѓање на бебето може да има краткорочни и долгороцни ефекти врз неговото здравје и развој. Заради тоа, бебето, но и семејството како целина, треба да бидат веднаш вклучени во процесот на рана интервенција. Под рана интервенција се подразбираат сите мерки кои се преземаат од раѓање, па сè до поаѓање на детето во училиште. Целта на интервенциите во овој период е да се унапреди, по можност оптимализира детскиот развој, како и да се добијат сите видови поддршка кои им се потребни – индивидуално на детето, но и на семејството како целина.
Со здравствените прашања се занимава медицината, а состојбите кои се однесуваат на развојот ги третира и следи тим на стручни лица од различни профили (дефектолози, психолози, физикални терапевти, логопеди, социјални работници итн).
Овде ќе дадеме осврт на значењето на сензомоторните вежби во првата година на предвреме роденото бебе, како една од услугите во процесот на рана интервенција.
Во принцип предвреме родените бебиња, по раѓањето поминуваат извесно време во инкубатор, па првите вежби треба да започнат уште додека се во болница. Се започнува со допир, со нежни масажи или едноставно држење на бебето во кратки интервали додека е надвор од инкубаторот. Добар пример за ваква стимулација се Кенгур-собите, каде што мајките можат да ги држат своите бебиња на своите гради, со непосреден меѓусебен контакт. Притоа им зборуваат на бебињата, што е аудитивна стимулација, ги нишкаат, со што ги стимулираат длабоките рецептори за движење во зглобовите.
Откако бебето ќе ја напушти болницата, следи период на редовни контроли, испитувања и следење на неговиот развој. Следењето на развојот се прави во соодветни развојни центри и советувалишта, во кои тим од стручни лица го проценуваат секој негов аспект и соодветно работат со родителите.
Следењето на развојот и раните стимулативни вежби се од големо значење, посебно во првата година на предвреме родените бебиња. Имено, тие се раѓаат со очекуван, физиолоски дефицит во развојните постигнувања, бидејки развојот и созревањето на бебето нема иста динамика во матката и надвор од неа. Пример, ако бебето е родено 8 недели порано, на возраст од три месеци очекуваме да има развојни постигнувања како бебе од еден месец, односно три месеци е негова календарска старост, а развојната старост му е на ниво на едномесечно бебе. Разликата помеѓу календарската и развојната старост е очекуваниот дефицит, а стимулативните вежби имаат за цел да ги изедначат овие два параметри.
За да може соодветно да се стимулира бебето, неопходно е да се направи добра развојна процена. Бебето се става во различни позиции и се набљудува што прави притоа (постуралност и постурални реакции). Кај навреме родено бебе, за секој месец од првата година има точно утврдени позиции и реакции кои бебето ги манифестира во секоја од нив.
Кога правиме проценка на развојот на предвреме родено бебе го земаме предвид очекуваниот дефицит и очекувањата ги поместуваме поназад (толку колку што е порано родено) . Пример, ако возраста на бебето е пет месеци, а е родено во 32 ГН (8 гестациски недели или скоро два календарски месеца пред крајниот термин на бременоста), тогаш е очекувано постуралноста и постуралните реакции да одговараат на бебе од три месеци.
Покрај физиолошкиот дефицит, при процена на развојот , се земаат предвид и законитостите во развојот, кои важат подеднакво како за навреме, така и за предвреме родените деца. Постојат повеќе, но за процена и креирање програма за стимулација во првата година, ги земаме предвид следните законитости:
Интермитентност во развојот – функциите не се појавуваат рамномерно, туку циклично. Некое однесување кај бебето се појавува, па се губи и така во циклуси се додека не биде целосно усвоено од страна на детето (пример: доведување на главчето во средишна позиција и цврсто држење – на ова му претходи период од кратко доведување во средина и кратко задржување, потоа периодите на подолго задржување се почести и на крај бебето цврсто ја држи главата исправена)
Алтернативност во развојот – во даден момент се развива само една функција, додека другите се во мирување (пример: во преден план е моторниот аспект, бебето учи да седне, а говорот стагнира, како да нема интерес да произведува звуци, потоа моториката мирува, а бебето почнува интензивно да брбори). Компетенциите кои ги развиваат бебињата во една фаза, се пренесуваат во наредната.
Цефало-каудален правец – моторниот развој се движи од главата кон стапалата. Бебето прво ја совладува гравитацијата преку држење на главата исправена, а последна антигравитациска позиција е исправено на стапала, со функција одење.
Проксимо-дистален правец – бебето ги контролира прво деловите од телото кои се поблизу до ‘рбетот, а на крајот најоддалечените делови. Пример, прво рацете ги движи, мрда од рамењата, а на крајот од првата година има фат со палец и показалец.
Развој од подеднаква контрола на билатерални органи, кон подобра контрола на едниот од нив – бебето прво ги држи предметите со двете раце, а со тек на време станува вешто при манипулации со една рака, или во секоја рака држи по еден предмет.
Тенденција на елиминирање на вишокот мускулна сила– бебето на почетокот користи несразмерно поголема сила за играње со некој предмет, но со тек на време учи колкава сила треба да дозира во таа ситуација.

По направената развојна процена, се прави програма за стимулација, или избор на вежби кои се базираат на постоечките развојни постигнувања на бебето, а имаат за цел да го припремат за наредниот развоен период. Многу е важно родителите да се придржуваат до предложените вежби. Честопати родителите го ставаат бебето во позиции и му прават вежби кои се над нивото на неговиот капацитет, само затоа што ги виделе на интернет, или се консултирале со пријатели чие бебе има иста календарска возраст со нивното, но е родено на време. Ставањето предвреме во одредена позиција, за која бебето нема усвоени претходни компетенции ( на пример седење), нема да му помогне на бебето порано да седне. Напротив, ќе го одолговлечи процесот, а може и да дојде до несакани повреди. Во процесот на стимулација, родителите и развојните терапевти се партнери и само како такви можат да му помогнат на бебето.

Вежбите се прават во пријатна атмосфера, кога бебето е расположено, пресоблечено, нахрането, но не веднаш по јадење. Откако ќе се направи една серија вежби, најдобро е да се постави на цврста површина (идеално на ќебенце на под), со играчки околу него, каде што тоа ќе има прилика да ги автоматизира сите движења кои родителот пасивно му ги изведува. Вежбите се комбинација од сетилни дразби и моторни движења кои ја зајакнуваат моториката и го стимулираат развојот на сетилата, а се со цел да се направи солидна база за натамошен оптимален развој.
Во првата година се прават контролни процени на развојот на секои два месеца, или порано, по договор, каде постапката се повторува, се евидентира напредокот и актуелните развојни постигнувања и се прави нова програма за стимулација.

Автор: Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор