фото: Архива

Владата го повлече од собраниска процедура Предлог-законот за рестриктивни мерки од како што наведе административни причини и најави дека ќе го стави на дневен ред на следната седница, додека, опозицијата излезе со став дека ова е обид да за заштитат функционерите од Владата на СДСМ и ДУИ кои треба да бидат казнети.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева денеска на прес-конференција праша од што се плашат СДСМ и ДУИ.

– Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДС и ДУИ. Што и објаснија од ДУИ на стратешките партнери за законот за црните листи? Дали можеби се смета дека ова не е европски закон? Зашто лажната европска коалиција на ДУИ и СДС се плаши. Тие треба да одговорат на овие прашања. Иднината што ја нуди СДС е иднина во која македонската партија е измеќар во владата и слепо служи на овие криминалци од ДУИ. Тоа е иднината со СДС. Со таква влада не 100, за 200 години нема да влеземе во ЕУ. Оттука  јасно е зошто на анкетите на јавно мислење на прашањето дали верувате дека владата може да не внесе во ЕУ до 2027-ма година, со „да“ одговараат само 4 посто од гласачите. Значи ни нивните поддржувачи не веруваат во ова што го зборува СДС – рече Митева.

Претходно, со соопштение реагираа и од БЕСА од каде оценија дека законот е повлечен „за да се заштитат криминалците потврдени и на црната листа на САД“.

– Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ – ДУИ, кои Соединетите Американски Држави ги ставија на црната листа поради нивната вмешаност во финансиски криминал, главно со злоупотреба на позициите и се збогатија на грбот граѓаните. Многу бргу на ДУИ им паднаа маските. На виделина е фактот дека техничкиот премиер Талат Џафери решил технички да ги спаси криминалците потврдени и од САД – се вели во соопштението од БЕСА.

Владата вчера соопшти дека Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини од административни причини и додаде дека тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.

– Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија – информираа вчера од Владата.

На 221-та владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.

Измените во Законот произлегоа по проширувањето на црната листа на САД. Министерството за надворешни работи минатиот месец започна јавна расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“ ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми. Предлог измените, како што најави тогаш министерот Бујар Османи, предвидуваат и воведување на два важни инструменти, институцијата предлагач да ги побара и да ги поднесе сите материјални докази до Обвинителството, а ЈО да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот и доколку заврши со обвинение, се предвидува и времено спречување на вршење на јавна функција и и забрана за учество во јавни набавки доколку се работи за правни субјекти.

„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко … им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков. По ова, Владата во ноември минатата година, најави дека работи на иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на лица кои се на листата на санкции, така што ќе се прошири опфатот и освен ОН и ЕУ да бидат вклучени и санкциите, кои ги воведуваат САД.