фото: Пекселс

По повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам во Дебарското муфтиство собрани се 2,4 милиони денари доброволни прилози од верниците, постојани жители, како и од оние кои живеат и работат во странство.

– За празникот, на име доброволни прилози од верниците собрани се вкупно 2.400.090 денари, кои јасно говорат за довербата, посветеноста и верската зрелост на нашите верници. Годинава бележиме значаен раст, што го одразува не само чувството на колективна одговорност, туку и силата на нашите институции кога се водат со транспарентност, визија и интегритет – изјавија за МИА од Муфтиството.

Најголем процент од собраните средства се од жителите на Дебар – 828.400 денари, потоа на селaта Требиште 340 илјади, Скудриње 214.900, Могорче 175.800, Велебрдо по 160.300, Ростуше над 152.200, додека во останатите села износот се движи од 16.800 до 91.500 денари.

– Овие бројки се многу повеќе од финансиски резултати. Тие се жив показател за постојаната доверба на граѓаните во работата и сериозноста на Дебарското муфтиство, како и мотив да се продолжи со посветеност на патот на служење на верата, верниците и заедничката благосостојба. Им благодариме на сите имами, џамиски одбори и на верниците од дебарското Муфтиство и во дијаспората за нивниот придонес – додадоа од Муфтиството.

Дебарското Муфтиство ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа, Маврово и Ростуше и подрачјето на Река.