Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески и пратеничката Соња Мираковска до Собранието предложија измени и дополнувања на Законот за политичките партии, по скратена постапка. Целта на предлогот е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и нациоанал-социјализмот.
Со предлог законот ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст.
Се очекува законот да биде ставен на денен ред на денешната 88. седница.
Во образложението на Законот, објавен на веб страната на Собранието, стои дека со Предлог законот се заштитуваат демократските вредности како и принципите на правната сигурност на граѓаните во едно демократско општество. Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии содржи четири члена.
Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна
или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам,нацизам,национал-социјализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх.
Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.
– Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, крaтаенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх – се предлага во еден од ставовите.
Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште не се произнесува дали ќе го поддржи овој законски текст.