фото: Ка.М.

Со полагање цвеќиња на спомен-обележјето Карпалак во центарот на Прилеп делегации од кабинетот на претседателот на Македонија, од Собранието, од Владата, Министерството за одбрана, АРМ, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии, беше оддадена почит на загинатите десет припадници на резервниот состав од АРМ кај Карпалак. На 8 август 2001 година во заседа животите ги загубија Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, чии имиња се врежани во совеста на Македонија.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочи дека во нивните животи биле испишани соништа, семејства, надежи и планови, но, кога татковината ги повикала, тие не се поколебале, заминале да ја бранат татковината и ги дадоа животите бранејќи ја.
– Карпалак останува болно сведоштво за цената на слободата. Но, Карпалак е и место од кое извира една голема вистина, дека Македонија секогаш имала луѓе кои биле подготвени да ја стават татковината пред себе. Денеска сме тука за да покажеме дека времето не ја намалило нашата благодарност и дека споменот не избледел. И, дека жртвата на нашите херои останува дел од идентитетот на македонската држава. Македонија ја градиме заедно со изградбата на патишта, училишта, болници и институции…,но Македонија се гради и со паметење и со почит. Со почит кон оние што ја платиле највисоката цена за нејзиното постоење. Народ кој ги почитува своите херои има иднина. Народ кој ги заборава, го губи и сопствениот корен. Затоа нашата обврска е јасна, да ја чуваме вистината и да го негуваме сеќавањето. Да им раскажуваме на младите генерации кои беа овие луѓе и зошто нивните имиња заслужуваат да се изговараат со гордост.Не за да создаваме омраза, туку за никогаш повеќе да не дозволиме трагедиите да се повторат. Да ја сакаме Македонија со работа, да ја браниме со единство и со правда. Прилеп никогаш нема да ги заборави и Македонија никогаш нема да ги заборави. И додека постои оваа држава, ќе постои и обврската, нивната жртва да се памети – рече Проданоски.
Пред присутните се обрати и заменил-министерот за економија Марјан Ристески, преживеан од Карпалак, кој рече дека нивното херојско дело е врежано во нашата меморија, а паметникот во Прилеп потсетува вечно на нивната жртва.
– Како што хероите на Карпалак несебично застанаа во одбрана на државата, денес сме должни со иста таква посветеност, решителност и мудрост да се соочиме со сите предизвиците кои ги носи сегашноста и иднината. Жртвата на бранителите ни дава обврска и храброст да успееме во тоа а нашата цел и успех е само една-
Европска и просперитетна Македонија – рече Ристески.
Утрото цвеќиња беа положени и на гробовите на загинатите во Прилеп и населените места, а се одржа панихида и во црквата „Св.Петка“.

Ка.М.

фото: Ка.М.