Првиот Конгрес на нуркачи во Македонија викендов се одржува во Охрид. Конгресот, кој се одржува во големата сала на општина Охрид, го отвори градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а настанот го модерира д-р Горан Балески.
Манифестацијата е во организација на клубот за подводни дејности „Охрид“.
– Конгресот има за цел размена на искуства, проблеми, замки и трикови во нуркањето, како и соработка помеѓу клубовите и Центрите, но и барање на насоки што може да се направи за иднината на нуркањето во Македонија. Сите учесници на Конгресот, преку 15 минутни излагања, ќе можат да го претстават својот клуб, но и искуства од нуркањата. На Конгресот се поканети сите нуркачи, без оглед на тоа на која Асоцијација припаѓаат или во кој Центар или клуб членуваат – порачуваат организаторите.
Додаваат дека нивна заложба е оваа идеја за комуникација, начин на соработка и дружење да продолжи и во иднина, и дека на овој начин ќе се подигне знаењето, организираноста и безбедноста кај македонските нуркачи на повисоко ниво.
Утре, на 4. ноември, предвидено е нуркање и еколошка акција на Градското пристаниште во Охрид.
Фотографии: Емил Јовановиќ