Фото: Министерство за здравство

Во Македонија годишно се регистрираат од 200 до 300 случаи на мозочен удар на 100.000 жители, а во последните две години е забележано благо зголемување на бројот на пациенти. Загрижува и појавата на мозочен удар кај помладите, вклучително и кај деца, предупреди денеска директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, по повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври.

– Имавме пациентка на 16-годишна возраст, што треба да нè алармира дека секој може да добие ваква сериозна состојба – изјави Божиновски.

Тој појасни дека мозочен удар може да се случи кај луѓе од сите возрасни групи, но најчесто ги погодува лицата над 50 години и оние со нерегулирани ризик-фактори.

Божиновски посочи дека релативно мал број пациенти добиваат тромболитична терапија. На Клиниката за неврологија годишно се лекуваат околу 100 пациенти со оваа терапија, но, според него, бројката би требало да биде значително поголема.

– Тромболитична терапија се применува и во уште две до три здравствени установи во државата, но бројот на пациенти кои ја добиваат е мал во однос на вкупниот број случаи на мозочен удар. Причина е тоа што пациентите често доаѓаат доцна, кога веќе е поминат временскиот прозорец за примена на терапијата. Дел од нив, поради различни пречки, не успеваат навреме да стигнат до здравствена установа – рече Божиновски.

Во пресрет на Светскиот ден на мозочниот удар, Клиниката за неврологија спровела поширока акција за подигнување на свеста и откривање на ризик-факторите, со активности во повеќе градови, меѓу кои Тетово, Штип, Охрид и Кочани.

На прегледите организирани пред платото на плоштадот „Македонија“ биле прегледани 174 пациенти. Кај 39 проценти од нив биле утврдени ризик-фактори, како зголемен крвен притисок, покачен шеќер и маснотии во крвта.

Во рамки на отворениот ден на Клиниката, граѓаните можеле бесплатно да направат доплер-преглед на каротидните артерии. Кај 74-годишен пациент била откриена високостепена стеноза на двете каротидни артерии, по што бил примен за дополнителни испитувања и процена за понатамошен третман.

Според Божиновски, пациентот немал симптоми, но наодот укажувал на висок ризик од мозочен удар. Во текот на вчерашниот ден биле прегледани вкупно 160 пациенти, а кај 40 проценти бил утврден значаен наод. Со нив бил воспоставен контакт и во текот на следната недела ќе бидат повикувани на Клиниката за дополнителни испитувања.

Божиновски оцени дека здравствениот систем во земјава не заостанува значително зад европските и светските практики, но нагласи дека е потребно да се подобри пристапот до здравствена заштита, така што пациентите ќе добиваат еднаков третман без оглед на регионот во кој живеат.

На одбележувањето присуствуваше и министерот за здравство Сашо Клековски, кој истакна дека подобрувањето на здравствената заштита, од превенцијата до третманот на највисоко ниво, може да придонесе за продолжување на животниот век.

Тој посочи дека кардиоваскуларните и цереброваскуларните заболувања, вклучително и срцевите и мозочните удари, се меѓу главните причини за предвремена смртност.

– Македонија, како и Западен Балкан, има двојно поголема предвремена смртност. Станува збор за луѓе кои починуваат на возраст меѓу 30 и 70 години, а главни причини се срцевите и мозочните удари – рече Клековски.

Тој нагласи дека третманот на мозочниот удар бара брза реакција, со навремена радиодијагностика и можност за итно спроведување на соодветна терапија.

Клековски најави дека Министерството ќе соработува со Клиниката за неврологија за подобрување на патеките по кои се движат пациентите со мозочен удар низ здравствениот систем, со цел да се спасат повеќе животи и да се намали инвалидноста.

Министерот ја поздрави и децентрализацијата на терапијата за мултиплекс склероза, која започнала во ГОБ „8 Септември“ и во болниците во Охрид и Штип, со планови за вклучување и на здравствени установи во Тетово, Прилеп и Струмица.

Тој најави и можен напредок во третманот на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, преку соработка со Клиничкиот центар во Љубљана.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар, на Медицинскиот факултет денеска се одржаа и стручни предавања за новините во лекувањето на болеста и можностите за третман во земјава.