Државна и црковна делегација од Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во чиј состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Државната комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Митрополит тетовски-гостиварски, Јосиф Тодоровски, денеска ќе учествуваат на церемонијата „Преземање на Благодатниот оган во Ерусалим” во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, Израел.

Во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов, катагодина се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму) го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста.

Свечената церемонија на пристигнување на државната и црковната делегација и предавање на Благодатниот оган на аеродромот во Скопје, соопштија од владината – прес-служба, е предвидена утревечер, во 20 часот, со директен пренос на МРТВ.