Фото: Горан Анастасовски / Илустрација

Ловечкото друштво „Стогово-2“, во кое членуваат ловци од општините Дебар и Центар Жупа, денеска упати апел до жителите на двете општини да бидат многу внимателни, поради присуството на мечки во близина на населените места.

– Апелираме до сите жители на Дебар и Центар Жупа, да бидат многу внимателни, особено оние кои одат на берба на костени, ореви или собираат печурки, да не се движат сами и да изберат безбедна патека на движење покрај нивните земјоделски површини или доколку се движат во шуми. Ваква голема присутност на мечки до сега не е регистрирана во нашето подрачје, што оправдано предизвикува голема загриженост кај населението – рече за МИА, Роланд Војника претседател на друштвото.

Додава дека недостигот на храна за дивите животни, е причина за нивно доближување до населените места.

– Немаат храна, концесионерите не вршат прихранување и по потрага по храна дивечот се доближува до населените места,  и истовремено им ја зголемува и агресивноста. Имаме поплаки од поголем број граѓани, кои не можат слободно да одат на нивните имоти, сега кога бербата на костенот и оревот е во полн ек. Надлежните нешто мора преземат – посочува тој.

Мечките во текот на летните месеци во општина Дебар, но и во поширокиот регион, уништија околу 200 пчелни сандаци, но за среќа немаше регистриран случај на напад од мечка врз човек. По пат тие причинуваа штети и врз земјоделските посеви.