Фото: ЕПА

Иако немаат директна врска со руската војна во Украина, новите војни што има обид да се отворат и развијат се поврзани со гореспоменатата војна со „невидливи нишки“. Кои се тие нишки за кои „Геополитика“ во својата анализа смета дека навистина постојат?

Осврт кон еден интересен ракурс од анализа на „Геополитика“ за „мрежната поврзаност на воените жаришта во светот“

Тезата на „Геополитика“ е дека новоотворените воени жаришта низ светот, вклучувајќи го и повторното активирање на старите конфликти, се форма на менаџирање на војната во Украина. Нападот на Хамас и придружните екстремни исламистички групи врз Израел се во центарот на концентричните кругови на интереси и потреби на одредени сили и центри на моќ. Имено, како ја образложува својата теза аналитичарот Зоран Метер во реномираниот медиум „Геополитика“?

Светот како глобална шаховска табла

На регионално ниво, Иран преку Хамас и неговиот напад на израелска територија индиректно го погодува американскиот план за меѓусебно признавање и релаксирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, а на пошироко ниво Иран, кој сега е близок руски сојузник, преку Хамас го спроведува рускиот план за ширење локални и регионални војни секаде каде што е тоа можно со цел да ги растегне силите на Западот и да го одвлече вниманието од Украина.
Продолжувањето на војната во Украина со нејзиното целосно непредвидливо времетраење и исход и големиот ескалирачки потенцијал создава плодна атмосфера за отворање нови војни и обновување на придушеното војување на раскрсницата на конфликтите низ светот.
Иако немаат директна врска со судирот во Украина, новите војни што се обидуваат да се отворат се поврзани со неа со невидливи нишки преку рускиот стратегиски план за напад на позициите на Западот на глобалната сцена и рушење на постојните глобални геополитички ред со користење на војната во Украина како инструмент за рушење на системот.
Пензионираниот американски генерал Бен Хоџис, поранешен командант на американските сили во Европа, не се сомнева за што зборува кога вели – Русите станаа сојузници со Иран, можеби најблиските сојузници и си помагаат во овој напад на Хамас, кој стои зад Иран. Во САД и земјите од НАТО го гледаат отворањето голема војна на Блискиот Исток како дополнителен предизвик што може да ја оптовари поддршката за украинската одбрана и како тест за тоа колку долго може да издржи покривањето на повеќе воени кризи во исто време.
Конкретно, европските функционери и стратези се загрижени за тоа како Русија ќе го искористи хаосот околу нападот на Хамас врз Израел, а веќе е сосема јасно дека односите меѓу Москва и Техеран ќе се зближат. Западот нема докази или индикации дека Москва дала каква било материјална поддршка за операцијата на Хамас, но немаше потреба од тоа доколку сакаше да има корист од настанот. Факт е дека медиумското покривање на војната во Украина се лоцира на последно место во уредувачките политики на медиумите во моментот кога Израел почна да го бомбардира Појасот Газа, а Русија започна офанзивни акции во Украина во правец на Авдивка.

Претпоставки, размислувања, антиципации…

Палестинското исламистичко терористичко движење Хамас, поддржано од рускиот сојузник Иран, го нападна Израел во целосна војна користејќи го целиот свој арсенал. Без поддршка од Иран, тој не би можел да го почне ниту би можел да го стори тоа без одобрение или директно барање на Техеран. Иран, пак, од друга страна, не би го направил ваквиот чекор во овој момент на исклучително блиски односи со Русија, без консултации со Москва и без потреба да се навлегува во деталите и конкретните параметри на тоа што сака да преземе. Дека е тоа така, според „Геополитика“, сведочи и соопштението на Русија, која изјавува воздржаност и надминување на тензиите наместо да зборува за осуда на нападот на Хамас врз Израел, кој беше поддржан од Иран. (?!) Во ист тон се и изјавите на Иран и Катар. Интересно е што „Геополитика“ зборува и за рускиот „неуспех со Косово“, по што „Москва побара од своите блиски сојузници Иранците да отворат тензии на Блискиот Исток, што Техеран го прави со помош на Хамас и либанскиот Хезболах, кој го финансира, вооружува и целосно го контролира“. На Иран, од друга страна, му е удобно да разгорува војна во регионот на Блискиот Исток бидејќи се обидува да ги уништи меѓусебното признавање и воспоставувањето односи меѓу Саудиска Арабија и Израел под американско покровителство, процес што е во тек.
Џонатан Лорд, директор на безбедносната програма за Блискиот Исток на американскиот аналитички Центар за нова американска безбедност (ЦНАС), предвидува раст на динамиката на односите меѓу Москва и Техеран, бидејќи како што Русија ќе има сѐ повеќе и повеќе проблеми во Украина, исто така ќе ѝ треба поголема помош од Иран, така што Иран ќе биде во позиција да бара руска воена технологија за себе или за своите посредници и советници групи на Блискиот Исток, како Хамас и Хезболах.

Дали рекомпонирани воени сојузи ќе излезат наскоро на виделина?

Според „Геополитика“, не е исклучено во замена за својата помош во воен материјал, Иран да добие од Русија понови борбени авиони или дури да помогне во развојот на својата нуклеарна програма. Русија не губи ништо на краток рок, но Израел и Западот губат, што е целта на Русија. Како Иран ќе се позиционира кон Русија на долг рок е од второстепено значење за Москва во време кога води неуспешна војна во Украина. Москва очекува да го реши овој проблем во иднина. Ескалацијата на големата европска војна во Украина беше неизбежна од самиот почеток поради односот на силите на бојното поле, и временски и просторно.
Временски војната ескалира на неодредено време. Сосема е јасно дека Украина треба да има многукратно повеќе сили за да ги протера Русите од својата територија. Од друга страна, ниту една руска победа не е можна. Бидејќи ниту една страна не може да се откаже од своите цели, а сè уште нема способност да ги постигне своите воени цели како целина, војната ќе продолжи уште долго. Затоа таа ескалира и во просторот, на два начина. На Украина ѝ се приклучуваат актери за поддршка, но Русија исто така успева да привлече и тајни и отворени помагачи, а, според „Геополитика“, „и Кина стои во заднина како дипломатски, политички и на крајот, доколку е потребно, како воен штит. Северна Кореја и Иран се отворени и директни помагачи, кои не се ни обидуваат да ги скријат воената соработка со Русија и директното учество во снабдувањето на руските сили со потребниот воен материјал“. Инаку, потценувањето на Северна Кореја и Иран на воен и логистички план, присутно во дел од медиумите, е несериозно, се вели во анализата.

Европа исто така му долева масло на огнот на „домашното воено жариште“, истовремено финансирајќи ги и украинската и руската армија

Европа, на пример, колку и да извикува „Слава на Украина“, продолжува да набавува и да користи руска нафта и гас под маса на разни начини. На тој начин Европа ја финансира руската војна и со тоа истовремено ја финансира и украинската, но и руската армија, што во никој случај не е добар предуслов за победа на Украина. Покрај тоа, таа продолжува да ги финансира палестинските власти, игнорирајќи ја можноста парите платени на Фатах на Западниот Брег да завршат во рацете на Хамас во Газа. Патем, во различни периоди, великодушно ја финансираше и палестинската управа во Газа, што значеше дека парите се слевале директно во рацете на екстремните исламистички групи предводени од Хамас. Тврдењата дека патиштата на парите што им се исплаќаат на Палестинците се контролирани за парите да не завршат во рацете на Хамас се детски наивни и целосно неубедливи. Хамас е моќна организација и доволно насилна за да изнуди пари платени од Европската Унија од други палестински фракции. Хамас сè уште ги држи сите конци во свои раце во областите каде што живеат Палестинците. Поради недостигот од обединета политика и алчноста на најмоќните членки, Европската Унија би можела да стане еден од водечките финансиери на војувањето, вистинска воена банка, која не се двоуми да дистрибуира пари преку различни форми за покривање трансфери за сите завојувани страни во исто време. Ова директно помага за реализација на рускиот план за создавање хаос во меѓународните односи и колапс на целиот систем.
Според „Геополитика“, сите нови војни што ќе започнат во блиска иднина индиректно ќе бидат поврзани со војната во Украина: „Отворањето нови жаришта е во оваа функција“, се заклучува во анализата.
Сосема е сигурно дека Хамас започна напад врз Израел со согласност или по директно барање на Иран. Степенот на уделот на Русија во ова никогаш нема да се знае, но факт е дека Русија не ни требаше да ги знае деталите или какви било планови за акција спроведени од Техеран, туку беше доволно Москва да побара од Иран да ги интензивира своите активности во регионот на Блискиот Исток. Израелците не направија грешка, но тие најверојатно ќе го искористат овој напад за да се обидат да го елиминираат Хамас или, што е уште поверојатно, поумерените палестински фракции, бидејќи екстремниот Хамас е клучот за Израел да отвори конфликт кога и да е во негов интерес. Р.С.