Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Се прекинуваат сите официјални комуникации на билатерално ниво со претставници на власта. Оваа едногласна одлука е донесена изминатата седмица на седница на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ – објави денеска претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Повеќе како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција нема да се среќаваме на билатерална основа официјално со претставници од Владата – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали тие имаат разговори за уставните измени со премиерот и други членови на Владата.

Тој истакна дека за уставните измени повеќе нема ништо на маса, односно дека има само една работа за која што треба да се договорат со владејачките партии, а тоа се брзи предвремени избори оваа есен.

-Има само една работа, а тоа е да седнеме и да се договориме околу изборите кога ќе бидат изборите, а како ќе бидат изборите, на кој начин – со техничка влада, немање техничка влада или се она кое што еповрзано од изборите. Од овој момент па натаму повеќе нема да зборувам ништо што е поврзано со уставните измени, туку единствената работа која што би сакал да ја зборувам е да седнеме на маса и да разговраме за брзи предвремени Парламентарни избори оваа есен – рече Мицкоски.

Прашан дали се согласува со ставот на премиерот Димитар Ковачевски дека оваа есен нема да има парламентарни избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека Ковачевски многу работи најавил, како што вели, a потоа поплукал, па тоа не се случи.

-Се сеќавате многу пати кажа дека ќе се случат некои работи, но за жал ништо не погоди од тоа што ќе се случи. Да видиме, да му дадеме време на времето – вели Мицкоски