Здружението на Македонците од Бугарија ОМО Илиден – Пирин бара бугарската полиција да спроведе истрага за синоќешното каменување на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Во инцидентот било искршено стаклото на влезот, што може да се забележи и на фотографиите објавени на Фејсбук, во прилог на реакцијата.
– Веќе 17 години напади врз македонските клубови во Бугарија. Дали полицијата конечно ќе спроведе истрага и овој пат нема да одбие? Да видиме дали ќе ги најде сторителите откако неодамна постави камери над клубот по своја волја. Се надеваме дека тоа беше за безбедност, а не само за следење на оние што влегуваа. И има од каде да се почне – се вели во реакцијата од ОМО Илинден – Пирин.
Здружението го сомничи претседателот на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, како можен организатор на провокациите.
– Нека го испрашуваат Виктор Стојанов, еден од организаторите на провокациите, кој во исто време беше во Благоевград со цела банда – посочуваат од ОМО Илинден – Пирин.
Бугарската „БНТ“ пишува дека пред објектот имало полиција која правела увид. Забрането било фотографирање и документирање на искршениот влез од клубот. Македонскиот клуб беше отворен на крајот од октомври минатата година.
Ваквите случувања доаѓаат по тензичниот ден на границата „Деве Баир“ каде што беа уапсени тројца бугарски државјани кои навредуваа полицајци, не политуваа наредби од униформирани лица и вербално ги напаѓаа. Не е познато кој го искрши влезот на македонскиот клуб, што уследи по инцидентите со бугарските клубови во Македонија кои ги имаше во изминатиот период.