ФОТО: Зоран Антоски

Изминаа само две години од целосното реновирање на Китиното кале во Кичево, и до денес се уште непознати лица продолжуваат со старата практика да ја оштетуваат урбаната опрема и осветлението.  И покрај чуварската служба која е поставена од страна на комуналното претпријатие, сепак проблемите со вандализмот на калето не престануваат. Граѓаните се разочарани од односот на поединци кои на овој начин ја оштетуваат урбаната опрема која е поставена и за нивно добро.

-Старите навики на поединци за жал и понатаму никако да се искоренат. Китиното кале беше реновирано пред неполни две години,  и кога сите очекувавме се што тука е изградено ќе биде и сочувано за доброто на сите  нас граѓаните ,сепак поединци продолжуваат на вандалски начин да ја оштетуваат урбаната опрема и електричните канделабри.  Навистина не гледаме начин како да се искоренат овие навики и покрај напорите на комуналното претпријатие со чуварска служба да го заштити овој уникатен простор-вели Драган Тренкоски, редовен посетител на Китиното кале .

ФОТО:Зоран Антоски

Неговото размислување  го подржуваат и останатите посетители на овој локалитет, но сите се согласни во размислувањето, да се преземат поригорозни мерки за еднаш засекогаш да се искоренат овие навики.

Инаку пред две години калето претрпе целосна реконструкција со средства од Европската унија, кога беа изградени нови фонтани,амфитеатар со сцена со ротирачка купола, детско катче и многу други содржини.