Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, велат од Судот во врска со реакцијата на Здружението на судиите за отфрлената иницијатива за платите на судиите.
Судот како заштитник на слободата на мислата и на јавното изразување на мислата, како што се посочува во соопштението од Уставниот суд, ги поддржува размислувањата и дебатите во јавноста и особено се добредојдени сите реакции кои содржат издржана правна квалификација.
– Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодвествува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот – истакнуваат од Уставниот суд.
Здружението на судии денеска испрати реакција до медиумите за одлуката на Уставниот суд донесена во мај со која беа отфрлени иницијативите поднесени од Здружението на судиите и Судскиот совет за поништување на одредбите од Законот за плати на судии.
– Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29 февруари 2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 1 февруари 2024 година, е скандалозно, неприфатливо и го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата – велат од Здружението на судии.
Здружението на судии бара од Уставниот да постапува согласно неговите надлежности предвидени во највисокиот правен акт, а во спротивно, како што велат ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права, пред се заради заштита на законитоста и правата и слободите на граѓаните.