Фото: Нова Македонија/илустрација

Единаесетгодишник од Прилеп вчера паднал од третиот кат на Основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп и е задржан на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Неофицијално, на момчето му се слошило за време на одморот меѓу часовите и паднало кога отворило прозор за да земе воздух.

Според началникот на Итната медицинска помош од Прилеп, Боше Милошески, биле повикани вчера во 14.40 часот, а 11-годишниот ученик бил во полусвесна состојба.

– Веднаш беше прфрлено на Одделот за анестезија во Прилепската болница. Од првичните прегледи се констатира дека има фрактури на едното стапало и сомнеж за скршеници на градните пршлени. Веднаш беше префрлено на лекување на Детската хирургија во Скопје – изјави Милошевски.

Директорот на Детската клиника за хирургија во Скопје, д-р Лазо Јовчески, изјавил дека момчето е во стабилна општа состојба и е вон животна опасност. Има скршени петици, отоци и повреди на пршлените.

– На 20.01.2025 во 15.01 часот во ОВР Прилеп, од Општа болница Прилеп било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 11-годишник од Прилеп. Според пријавеното, малолетникот паднал од трет кат од основното училиште во кое учел во Прилеп. Се преземаат мерки за расчистување на настанот – соопштија од СВР Битола.