Наследивме целосно девастирано Министерство, во долгови, неисплатени плати, заостанати субвенции, целосно закочени проекти и сериозни сомнежи за криминал на претходното раководство. Наследивме хаос и тотално безредие, но изговори не смее да има. Наша обврска е да ги подобриме работите. Ова е Влада на земјоделците, ќе докажеме дека тие се нашиот партнер и заедно ќе ги креираме агро политиките – рече денеска ресорниот министер Цветан Трипуновски на прес-конференција по повод сработеното во изминатите 100 дена.
Според него, сто дена е мал период за Владата да покаже дека е насочена кон решавање на проблемите на земјоделците.
-Се обврзуваме на трансформација и враќање на достоинството на македонските земјоделци. Мој фокус се нивните барања, нивниот подобар и покавлитетен живот. Остануваме 100 отсто посветени, одговорно и домаќински да работиме во интерес на земјоделците – подвлече Трипуновски.
Осврнувајќи се на досега реализираните одлуки и решенија, потсети дека на првите владини седници беше донесена Одлука за исплата на преку 600 милиони денари заостанати субвенции. Продолжува, рече министерот, редовното сервисирање на подршката, а конечно, по седум години, откупната цена ја договараат земјоделците и откупните центри.
-Лошите политики на претходниот министер земјава ја направија увозно зависна од храна. Земјоделците беа демотивирани од откупните цени и од негрижата на минатат власт, земјоделските производи завршуваа на буниште – истакна Трипуновски.
Подвлече и дека со ребалансот на Буџетот се обезбедија 350 милиони денари за вработените во „Македонски шуми“ и АД „Водостопанство“ кои беа оставени без четири плати, дека се склучија два договора за порибување на Охридското Езеро, дека се поделија договори за одгледување и заштита на ловиштата, договори за поддршка на локални настани и саеми, како и договори за закуп на државно земјдоелско земјиште.
Трипуновски најави и дека ќе проодлжи контролата на шумската полиција.
-Ја враќаме довербата на земјоделците во институциите, институциите да работат согласно законските овластувања, да имаат земјоделците на кого да се потпрат во делот на решавање на проблемите, меѓутоа исто толку важно е и во делот на креирањето на идните мерки. Нашата цел во наредниот период до завршување на календарската година е заедно со земјоделците од сите сектори да ги креираме програмите, мерките и условите за работа што ќе значи сериозен старт на 2025 година. Ситуации како во производството, на неисплатени субвенции, лоша земјишна политика, многу проблеми во делот на водостопанството треба да бидат минато и ќе бидат минато. Ние сериозно, од почетокот на идната година, ќе превенираме вакви ситуации за Македонија повторно да биде она што некогаш беше, земјоделска држава со квалитетно и квантитетно земјоделско производство – потенцира Трипуновски.