Од 2018 – 2022 година Владата на СДСМ има дадено согласност за вработувања на 2.385 лица во градинките, а платата е зголемена за 36 отсто. Од 2017 до денес имаме изградено 69 градинки со што дополнително се опфатени 4.300 деца, 28 градинки се градат, 13 од нив ќе бидат отворени до крајот на годинава и ќе опфатат уште 1.360 деца, додека 15 градинки ќе бидат отворени наредната година и со нив ќе бидат опфатени 1.905 деца, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Одговорајќи на прашањето што го постави пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ за тоа кога Министерството за труд и социјална политика (МТСП) планира да го реши проблемот во градинките со давање лиценци и согласности за вработување, Тренчевска беше децидна дека „кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, платите во градинките беа очајни, а над 2.000 работни места беа непополнети“.
-Притоа, најголемиот дел од останатите вработени беа на определено време – зошто, вие си знаете, знаат и вработените. Веднаш по направената анализа од страна на СДСМ, сите што беа на определено, добија решенија за да им се осигура вработувањето – напомена министерката.
Таа постети и дека, дополнително, со ребалансот на Буџетот кој наскоро ќе се разгледува во Собранието, има зголемување на блок дотациите за материјалните трошоци во градинките и на блок дотациите за нови вработувања со цел што повеќе деца да бидат опфатени.
Ја упати Ласовска да се обрати во општините за тие да и кажат колку празни места има во секоја градинка. Според Тренчевска, проблеми во градинките има таму каде што постои самоволие на градоначалниците.
-Проблеми во градинките има таму каде што постои самоволие на сегашните градоначалници кои не почитуваат закон и министер, но проблемите се решаваат согласно закон. Градоначалниците наместо да трошат пари за партиски вработувања во јавните претпријатија, привремено да ангажираат лица во градинките – дополни Тренчевска.
Пратеничката Ласовска го оцени ваквиот одговор на министерката како очаен обид за партиско промовирање.
-Мислевте дека ова е прес на „Бихаќка“ – кусо констатира Ласовска.