Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, ќе бара одговорност од Итната помош при Здравствениот дом Струга, чии здравствени работници беа фотографирани како пијат кафе на бензинска станица додека пациентот во комбето ги чека со маска за дишење. Од кабинетот на министерот за здравство, Фатмир Меџити, за „Макфакс“ велат дека разговарале со сите засегнати страни, вклучително и ќерката на пациентот.

-Се работи за пациент, кој во понеделникот беше испишан од болница и требало да биде пренесен во Општата болница во Струга. Пациентот бил во терминална фаза од болеста. Тој и ќерка му тргнале сами на нивно барање со сопствен превоз. Меѓутоа, кога стигнале до излезот на градот, ќерката сфатила дека нема да може сама и се јавила во Здравствениот дом во Струга. Од таму обезбедиле возило, кое набргу пристигнало. Кога дошло возилото, ќерката на свое барање, бидејќи ништо немала пиено и јадено цел ден, ги замолила да застанат. Татко ѝ бил свесен, контактибилен, во текот на целиот ден. Оваа информација во целост ја потврди ќерката на пациентот. И покрај тоа што таа барала, не е дозволено застанување на брзата помош на тој начин и Министерството за здравство поведе инспекциски надзор и побара изјаснување од страна на директорот на Здравствениот дом во Струга. По наодите, ќе се преземат соодветни мерки – велат од кабинетот на министерот Меџити за „Макфакс“.

За овој случај вчера одговорност побара новинарка, која на министерот Меџити му покажа фотографија од пациентот и од медицинскиот тим од Итната помош седнат на кафе, а тој најави дека веднаш ќе го испита случајот и ќе преземе мерки.

Некои од медиумите денес јавија дека пациентот, кој бил болен од карцином, починал неколку дена по пренесувањето во Струга, но Министерството за здравство не одговори на прашањето дали е точна оваа информација.