Фото: Влада

Од 2019 година, кога се иницира процесот на Отворен Балкан, континуирано ја изразуваме нашата резервираност за оваа асиметрична, неинклузивна и дупликативна иницијатива. Токму поради овие причини, Отворен Балкан не ја доби поддршката ниту од самата Европска Унија, во чие име беше започнат, вели Арбен Таравари, председател на Алијанса за Албанците.

-Штетите на иницијативата во регионалната соработка во целина несомнено ги надмина индивидуалните придобивки во трите земји учеснички. Наместо да ја зголеми довербата и да го зајакне духот на соработка, овој проект уште повеќе го поларизираше Западен Балкан во веќе немирно време за регионот и континентот. Затоа, го поздравуваме повлекувањето на Албанија од оваа иницијатива и целосното фокусирање на албанската влада во Берлинскиот процес, како единствена рамка за економско-политичка интеграција на регионот, решавање на преостанатите пречки за постигнување на заедничкиот регионален пазар и единствен начин за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија – вели Таравари.

Со излегувањето на Албанија од овој механизам, вели тој, оценуваат дека Отворен Балкан е мртов проект и дека сега целата енергија на владата треба да биде посветена на имплементацијата на акциониот план 2021-2024 на заедничкиот регионален пазар, за доброто на граѓаните на земјата и регионот во европски и егалитарен дух што се однесува на односите меѓу шесте земји од Западен Балкан.

-На импровизациите и авантурите во рамките на паралелни процеси, неинклузивни и кои што водат кон еден Западен Балкан со две брзини им дојде крајот – додава Таравари.