Фото: Фејсбук/ Арбен Таравари

Кандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари изборната кампања ја почна синоќа од Дебар, од каде порача дека на 9 Мај – Денот на Европа ќе имаме, како што рече, „влада 3“ во која нема да бидат двете партии кои се сега, СДСМ и ДУИ, зашто за еден месец заминуваат во пензија, време им е да одат во опозиција.

-Официјално ја почнувам кампањата тука, од Дебар, од каде сакам да кажам дека во текот на кампањата нема да ја споменувам ДУИ, туку ќе ја презентирам мојата платформа. Овде во Дебар одлучив да зборувам за Уставот, кој е еден од четирите столба на мојата платформа. Уставот на Македонија изгласан во 1991 година не го гласаа Албанците и беше нешто што никогаш не беше поддржан од Албанците. Лидерот Арбен Џафери велеше дека Уставот е генератор на политички кризи во Македонија и така беше. Тоа беше вистина сè додека не се случи конфликтот во 2001, кога се смени и дополни Уставот, но Охридскиот договор никогаш целосно не се имплементира. И ден денес главниот столб на Охрискиот договор не е исполнет, а тоа е фискалната децентрализација. Наша обврска е измени на Уставот зашто тоа е услов да оди Македонија на европскот пат – рече Таравари.

Најави дека кога ќе се одлучи да се внесат Бугарите во Уставот, „Вреди“ во новата влада ќе го постави условот за бришење на 20 отсто за употреба на албанскиот јазик. Зборуваше и за изборот на шеф на државата во парламентот, посочувајќи дека Македонија е парламентарна демократија, и дека надлежностите на претседателот се исто како на претседателот на Косово, Албанија, Грција, Германија, но во овие држави претседателот го избира парламенот.

– Нашиот услов е претседателот да се избира со 2/3 мнозинство и секако со Бадинтер. Доколку не се избере во два круга, третиот круг треба да се оди со мнозинство гласови, што значи 61 пратеник, но повторно со Бадинтер. Тоа е најдобар начин да се намалат трошоците на државата и да се има еден вид контрола во изборот на трите главни државни функции, претседател на држава, на парламент и премиер. Влада без Албанците не може да има – порача Таравари.

Тој од Дебар му реплицираше на противкандидатот и министер за надворешни работи Бујар Османи, кој според него, изјавил дека сме почнале преговори со ЕУ, прашувајќи го зошто не ги продолжуваме? Всушност, додаде, ние немаме почнато преговори.

Таравари нагласи дека неговата кампањата ја каратеризираат три главни збора: обединување, промени и вреди. -Очекувам ова обединување, со кое ја исполнивме желбата на Албанците, на што чекаа од 2002 година, ќе донесе промена, промена која со голем ентузијазам ја очекуваат каде и да одиме. Промената доаѓа, во тоа сум 100 отсто убеден, дилемата е колку ќе биде разликата – нагласи Таравари.

Пред дебрани меѓу другите се обратија Изет Меџити, лидер на Демократското движење, Африм Гаши на Алтернатива, координаторот на Изборниот штаб за Дебар, Беким Поцеста и Салим Сулејмани, носителот на кандидатската листа за пратеници за изборна единица 5, кои ги повикаа дебрани заедно да ги донесат промените.

Присутните ги поздрави и Беким Ќоку од „Самоопределување“, кој рече дека во обединувањето на партиите во коалицијата „Вреди“, која ќе донесе промени, голема залуга има Албин Курти, кој според него е човек на вистинската страна, вреден и чесен, каде е и оваа коалиција, додека на „другата страна е Вучиќ, каде е и Али Ахмети“.

Коалицијата „Вреди“ свечено ги отвори и просториите на изборниот штаб.