Фото: ЦУК

Спасена е свињарска фарма од огнените јазици кои се приближуваа до објектот, вели за МИА командирот на ТППЕ- Штип, Дарко Коцев. Во гаснењето на пожарот ангажирани се 15 пожарникари и четири возила, а од воздух дејствува и полицискиот хеликоптер.

Коцев посочи дека сега се гаси шума. Според негова проценка зафатени се околу 150 хектари. На терен остануваат до локализирање на пожарот, кој е во атарот на штипското село Пиперово.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информира дека бидејки пожарот е во близина на браната Мантово, хеликоптерот на МВР направи повеќе успешни и прецизни налети.

Ер тракторот на ДЗС дејствуваше повеќе пати и врз шумски пожар во Гумалево, Општина Зелениково. Пожарот е изгаснат во деловите со трева и грмушки, но е навлезен во висока шума. Дејството на Ер тракторот е одлично, со секое фрлање на вода измешана со специјална ПП смеса значително ја намалува силината на огнот.
Доколку пожарот не го изгасат пред стемнување рано наутро ќе се изврши проценка и ќе се договори нова тактика како да се продолжи со гаснење, информира ЦУК.