Обвинителот на Судот на честа на Лекарската комора до овој Суд достави обвинение против доктор Ваљтон Дервиши, анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово кој снимаше пациенти, со предлог да му се изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа, информираа денеска Лекарската комора. По истек на минималните временски рокови предвидени во постапката, Судот на честа ќе заседава за донесување конечна одлука.
– Согласно процедурите и правилниците, денеска итно се одржа вонреден состанок на Комисијата за етички и правни прашања. По детална расправа и разгледување на случајот, комисијата донесе едногласна одлука за покренување постапка пред Судот на честа на Лекарската комора. Обвинителот на Судот на честа, по разгледување на пријавата, ја прифати и до Судот на честа на Лекарската комора, достави обвинение против доктор Ваљтон Дервиши, анестезиолог вработен во ЈЗУ КБ Тетово, со предлог судот на честа, да му изрече мерка, за времено одземање на лиценцата за работа. Согласно правните регулативи, обвинението му се доставува на докторот – информираше на прес-конференција претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова.
Комората итно ги свикала органите и телата за да се разгледа конкретниот случај со инцидентот во ЈЗУ Клиничка болница Тетово, каде, како што посочи, лекар вработен во оваа здравствена установа ја искористил својата позиција и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа го нарушил угледот и честа на лекарската професија.
Гривчева-Старделова порача дека лекарите својата професија треба да ја извршуваат совесно и одговорно.
– Секогаш на прво место треба да им биде сочувување на здравјето, со следење на етичките норми и почитување на човековото достоинство, приватноста и интегритетот на пациентите. Лекарот е обврзан да ја чува професионалната тајна, а во професионалниот и приватниот живот да ги негува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството – нагласи таа.
Притоа, како што дополни, лекарот треба да е свесен, дека за секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, ги компромитира сите други колеги.
– За жал, во овој случај, Етичката комисија констатираше дека колегата со своите постапки и однесување, прекршил повеќе етички норми на кои го обвзува кодексот на медицинска деонтологија, поради што поведе постапка пред судот на честа – рече претседателката на Лекарската комора.
Комората, како што рече, уште еднаш изразува најостра осуда за инцидентот и искрено жалење за состојбата во која се доведени пациентите.
– По истек на минималните временски рокови предвидени во постапката, судот на честа ќе заседава за донесување на конечна одлука – рече Гривчева Старделова.
Таа нагласи дека оваа професионална организација, со цел заштита на пациентите и на угледот на лекарите, активно ќе ги следи состојбите и нема да дозволи изолираното несовесно однесување на поединци, да биде препишани на колективна одговорност на сите лекари кои професионално и одговорно, секојдневно лекуваат пациенти.
Активно ќе се следат сите вакви инциденти. Судот на честа сега во конкретниов пример, може да изрече привремено одземање лиценца од максимум седум години. Откако има овластувања, од Лекарската комора трајно се одземени две лиценци, а две времено врз основа на судска пресуда.