Фото: Пиксабеј

Со најавените температури до 40 степени Целзиусови во наредните денови, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува дека значително се зголемува ризикот од труење со храна и апелира граѓаните да бидат особено внимателни при купување, транспорт, чување и подготовка на прехранбените производи.

Од АХВ посочуваат дека високите температури претставуваат ризик и за здравјето на животните, поради што е неопходно навреме да им се обезбедат доволни количини безбедна храна и свежа вода.

За да се намали ризикот од труење, граѓаните треба да купуваат храна исклучиво од проверени продажни места, каде што производите, особено оние од животинско потекло, се чуваат во соодветни разладни уреди.

Агенцијата советува да не се купуваат производи со оштетена или надуена амбалажа, а разладената и замрзнатата храна да се зема на крајот од пазарењето. Лесно расипливите производи, како месото, млекото и јајцата, не треба долго да се оставаат во автомобили или на високи температури.

Разладената храна треба да се чува на температура под 5 степени Целзиусови, додека храната што се подготвува термички мора да биде добро зготвена, на температура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот треба темелно да се измијат под млаз вода, а суровото месо, млекото и јајцата да се обработат соодветно пред консумирање.

По подготовката, храната треба брзо да се излади и да се чува во фрижидер. Зготвената храна се препорачува да биде на горните полици, а суровата на долните, за да се избегне меѓусебна контаминација. Исто така, храната треба да биде заштитена од инсекти, глодари и домашни животни.

Доколку се јаде во угостителски објекти, АХВ препорачува да се избираат локали кои ги почитуваат хигиенските стандарди и имаат добра репутација. Во објектите за брза храна се советува да се избегнуваат додатоци како мајонез, крем-салати, сосови и преливи доколку не се чуваат во ладилник.

 – Доколку се сомневате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја – апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.