Фото: Пиксабеј

Лекарската комора ќе чека судска одлука пред да дискутира за одземање на лиценцата на лекарот од Струга кој по породување и извади матка, јајчник и бубрег на родилката од Дебар, ќе чека судска одлука. Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова вели дека за случајот со родилката од Дебар, како Комора, презеле се што било во нивни раце.

-Ние имаме стручен надзор за родилката од Дебар од Лекарска комора. Стручниот надзор е даден. Целиот предмет е даден на суд. Сè она што се наши ингеренции се направени. Што мислите дека треба повеќе да направиме? Судот е институција која дава финални одлуки дали е направена некоја грешка во лекувањето или не. Постои институција што се вика судски вештак, чие мислење е над стручниот надзор што го прави Лекарската комора, што е финално за да помогне во пресуда за работењето на некој доктор дали е мимо правилата, дали е направена грешка или не. Ние не сме чекале, ние сме го направиле стручниот надзор и колку што се сеќавам, тоа е многу одамна, даден е на пациентката која беше барател на тој стручен надзор. Сè е во судска процедура. Ние немаме ингеренции да забрзаме некоја судска процедура – вели претседателката Гривчева-Старделова.

Објасни дека Лекарската комора може веднаш да постапи во случаи кога се работи за етички прекршок, како во случајот со лекарот во тетовската болница, но кога се работи за лекарска грешка, одлуката за лиценцата ќе ја донесат откако ќе се изјасни судот.

-Ако се работи за проблематизирање на грешка, мора да се почека судска одлука за да се знае како да постапи Судот на честа. Овде, кога се работи за прекршок на етичкиот момент на нашата работа, не мора да чекаме судска одлука. Ова е нешто наше, има правила како ние треба да се однесуваме и со каква почит треба да се однесуваме кон нашите пациент. Таму прекршокот е рангиран поинаку. Прекршокот што колегата работел во своја приватна ординација, а не смее е судски проценет, направен е прекршок- рече претседателката Гривчева-Старделова.

Судското рочиште за случајот на родилката од Дебар почна лани во мај, но досега трипати се одлагаат судењата.

За лекарска грешка им се суди на гинекологот Мухамед Асани и уште тројца лекари од струшката болница. Следното судење е закажано за 9 мај.