ФОТО: Зоран Антоски

Денес во раните претпладневни часови од манастирот „Пресвета Богородица Пречиста Кичевска“, своето патешествие го започна кичевската коњаница со идентично име.

По отслужувањето на утринската Божествена литургија од страна на свештенството, членовите на кичевската коњаница положија заклетва пред светото писмо, кама и револвер и го избраа за војвода Стево Станкоски, кој е учесник на кичевската коњаница во изминатите шест години.

-Многу сум задоволен и благодарен на моите колеги коњаници што ми ја дадоа довербата годинава да бидам нивен предводник се до завршувањето на маршот и дефилето за 2 август на „ Илинден“ во Крушево. Ветувам дека целиот пат ќе го поминеме според планот, и во целост ќе ја оправдам улогата која ми ја доверија моите другари коњаници-истакна војводата Стево Станкоски.

Во годинешната кичевска коњаница зедоа учество и три девојки, што за прв пат се случува од нејзиното самостојно делување од пред девет години. А трета година по ред учесник на коњаницата е и највозрасната коњаничка Матеја Ѓорѓиоска.

-Ова ми е трета година по ред како сум дел од кичевска коњаница и повеќе немам трема, бидејќи имам доволно искуство да бидам рамноправна со припадниците од посилниот пол.Очекувам целиот пат да помине во најдобар ред, да не послужи времето и среќни и задоволни да настапиме на дефилето за 2 август,„Илинден“ во Крушево-истакна 16-годишната Матеа Ѓорѓијоска.

Инаку кичевската коњаница денес околу пладне придружувана од зурли и тапани имаше дефиле низ градските улици и посета на црковниот храм „Свети Петар и Павле“ каде што добија благослов од свештенството за добро здравје и среќен пат.

Дефилето на коњаниците низ главните кичевски улици беше проследено и поздравено од голем број локални жители.