Фото: принтскрин

Ставањето карти на „голема Албанија“ е најмалку 145 години задоцнето и нерелевантно. По влегувањето во НАТО за нашата држава релевантни се мапата на земји членки на НАТО и на обединета Европа со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, изјави  премиерот Димитар Ковачевски во врска со отворањето викендов на Музеј на УЧК во Сопот, кумановско, во кој е изложена и карта на „Голема Албанија“.

Според Ковачевски, такви слични карти ги има буквално секоја држава на Балканот.

– Она што за овој случај е караткеристично, од она што го имам како информација е што се работи за приватен имот, каде што е направен тој настан и тоа сигурно подлежи на одредени законски решенија оти доколку се работи за општествен имот одобрение би требало да даде општината, но таа немала информации за истото. Она што ние го имаме денес како општество, воопшто не ги прави релевантни таквите мапи, бидејќи после 2001 година, по влегувањето во НАТО ние во нашата држава имаме други мапи кои што се релевантни а тоа е мапата на државите земји членки на НАТО и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ мапата која што ние ќе ја имаме, и се надевам сите други земји од Западен Балкан, е мапата на обединета Европа. И тоа е единственото нешто кое треба да го обединува целиот Балкан. Сето друго е, кажувам уште еденаш 145 години задоцнето – рече Ковачевски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, викендов, во кумановоското село Сопот, го отвори меморијалниот центар на УЧК, пред чиј влез е поставена мермерна плоча со картата на „голема Албанија“, што предизвика бури реакции во јавноста.