За првпат во рамките на „Кавадаречко културно лето-2023“ синоќа култната улица
„Зелен пазар“ во центарот на кавадаречката чаршија беше претворена во „Боемска улица“.
Идејата и организацијата за „Боемска улица“ беше на здружението „Винотек“ со намера манифестацијата да стане традиционална и да се одржува повеќе пати во годината со цел во себе да ги обединува убавата староградска песна, познатата чалгија , поезијата , уметноста и се разбира доброто вино и ракија од домашните винарии и дестилерии заедно со вкусната храна која ја нудат рестораните на улицата „Зелен пазар“.
Првото издание на „Боемска улица “ кое траеше од 12 часот напладне се до 24 часот
вечерта помина во прекрасна атмосфера, пред се со многу добра музика и расположение за што се погрижија групите „Трио Гранде“, „Акустико бенд“ и оркестарот при здружението на пензионерите на Кавадарци заедно со пејачката група, кои во староградска носија ја надополнија сликата на едно убаво време кога добрата песна и серенадите беа дел од секојдневниот живот на кавадарчани.
За уметничката нишка на боемското дружење се погрижија ликовните уметници: Владимир Темков, Ванчо Кеков, Соња Самарџиева но и големиот хуманист Живко Поповски- Цветин кои заедно со прекрасните интерпретации на стихови од поетите на поетскиот клуб „Тиквешки цветови “ ја надополнија боемската дружба на бројните гости.