МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА (4)
Ако во средниот век народниот македонски јазик постепено навлегувал во книжевноста преку грамотите и дамаскините, XIX век претставува пресвртница во неговиот развој. За првпат народниот говор повеќе не се користи само за да се доближи црковниот текст до верниците, туку станува свесен избор на авторите што сакаат да му се обратат на својот народ на јазикот што тој го разбира.
Тоа е времето на македонската преродба. Во услови кога Македонија сè уште се наоѓа под Османлиската Империја, а македонскиот народ нема своја држава, токму јазикот станува најсилниот носител на културниот и националниот идентитет. Македонските преродбеници не создаваат литературен јазик од ништо. Тие се надоврзуваат на повеќевековната писмена традиција и сè поодлучно го внесуваат народниот говор во своите книги.
Првиот значаен чекор во оваа насока го прави Даниил Москополски, кој во 1802 година го објавува својот „Четиријазичник“. Иако составен како практичен речник, тој претставува едно од првите печатени сведоштва за лексиката на македонскиот народен јазик и покажува дека тој веќе се восприема како посебен јазичен идиом.

Набргу потоа се појавуваат делата на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, кои свесно пишуваат на народен јазик. Нивната цел не е да создадат нов книжевен јазик, туку Божјото слово и поуката да ги направат достапни за обичниот човек. Со тоа тие го продолжуваат процесот започнат во дамаскините, но сега многу поодлучно и многу посвесно.
Во текот на XIX век оваа определба добива сè поширока поддршка. Делата на Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Партениј Зографски, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков и на Ѓорѓија Пулевски, иако различни по жанр и по јазични решенија, имаат една заедничка особеност – сите се потпираат врз македонскиот народен говор и сведочат за неговата книжевна виталност.
Особено значајно место во овој процес има Партениј Зографски, кој меѓу првите укажува дека идниот литературен јазик треба да се темели врз централните македонски говори. Со ова тој ги поставува основите на идејата што неколку децении подоцна ќе ја разработи Крсте Петков Мисирков.
Во текот на XIX век, македонскиот народен јазик повеќе не е само јазик на секојдневната комуникација. Тој станува јазик на книги, учебници, речници, народни песни, публицистика и научни размислувања. Тоа е најсилниот доказ дека македонската јазична традиција продолжува по својот историски пат.
Токму затоа, кога Крсте Петков Мисирков ќе ја објави книгата „За македонцките работи“, тој нема да започне од празен лист хартија. Пред него стојат речиси еден век преродбенски идеи, книжевни обиди и јазични решенија што постепено го подготвуваат теренот за научното втемелување на современиот македонски литературен јазик.
Во следното продолжение ќе видиме како Крсте Петков Мисирков успева да ги обедини овие идеи во една јасна научна концепција, која и денес претставува темел на современиот македонски литературен јазик.
Елка Јачева-Улчар
(продолжува)
































