Фото: Влада

Во рамки на Министерството за внатрешни работи 48 проценти од раководните позиции им се доверени на жени. Исполнетноста на принципот на застапеност на жени на раководни позиции е евидентна и во рамки на Бирото за јавна безбедност, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Така, жените се на раководни позиции на Оддели како помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија, жените се вклучени и во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, жените ги покажуваат своите врвни професионални перформанси во Одделот за воздухопловни единици и Единицата за интервентна полиција, што порано не беше случај. Новиот Колективен договор помеѓу МВР и МПС е прв колективен договор во државната управа кај нас, во кој се употребуваат родовиот речник и терминологија, а во кој е предвиден и паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност на жени вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки, за секое новородено дете – напиша Спасовски на Фејсбук.

Честитајќи го Меѓународниот ден на жената, Спасовски вели дека ваквата посветеност во креирањето на политиките и доследната реализација на активностите се неопходни за да се забрза прогресот и да се овозможи иновативниот потенцијал на жените да биде двигател на промените.

– Уверен сум дека ова треба да е императив во глобални рамки. Затоа и ве повикувам сите, заеднички да ги надминеме видливите, но и оние невидливите бариери во умот. Таквата акција изискува колективна одговорност и заедничка заложба на еднакви граѓанки и граѓани по сите основи – вели Спасовски.

Иако прогресот во изминатите неколку децении е видлив, сепак, оценува Спасовски, светот сѐ уште не може да се пофали со ефективна родова еднаквост.