Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот насловен „Бедем“, на кој како солистка ќе настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леиа Зу (Кина/Англија). Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата „Robert’s suite“ на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно ќе прозвучат на овој концерт.
Ребека Тонг е матична диригентка на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметничка директорка на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистентка во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“. Во сезоната 2020/2021 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, оркестарот „Моцарт“ од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет „Грејт вол“, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост“ ја нарече „предводник на индонезиската класична музика“. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастеркласови кај ментори како сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон, на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.
Виолинистката Леиа Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри низ светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“. За време на пандемијата, во август 2021 година, Леиа e поканета да го изведе делото „Интродукција и Рондо Капричозо“ од Сен-Санс со Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Сајмон Ратл. Како солистка настапувала со многу од најзначајните оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Луцерн, Белгискиот национален оркестар, Рускиот национален оркестар, Московската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург, оркестарот на Марински и др. Настапувала на музички подиуми како „Моцартеум“ (Австрија), „Јехуди Мењухин“ (Белгија), Театарот на Филхармонијата во Одеса (Украина), конзерваториумот „Џузепе Верди“ (Италија)…
Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло-песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло-инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 61, од генијалниот Лудвиг ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена, 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на овој композитор и едно од најлирските дела во неговиот опус. Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп. 92 од Л.В. Бетовен премиерно била изведена во Виена, на 8 декември 1813 година. Ова симфoниско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето. В.Д.