Отворањето на Културниот центарот во Битола и тоа со име на еден учесник или соработник на Хитлер, на фашистичкиот окупатор, за мене е неприфатливо, тоа претставува провокација и нема никако да придонесе кон подобрувањето на односите, ниту ќе ја подобри климата во Бугарија, ниту ќе ја подобри климата во Македонија, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата болница Куманово, го повтори ставот на Владата – дека тие сакаат преку принципиелни разговори да се дојде до решение се со цел да го оствари нашиот национален интерес, а тоа е членството во ЕУ.
– Цврсто стојам на ставот дека нашата земја е никната практично од НОБ и тие придобивки ги почитувам максимално и тоа го прави секој граѓанин заради тоа што борбата против фашизмот во тоа време е придобивка која што сите ние и идните генерации мораме да ја сочуваме, да ја негуваме, тие традиции да ги негуваме се со цел да не ни се врати нешто што навистина беше погубно за целиот свет – изјави Спасовски.
Според него, сите политичари треба да се свртат кон иднината и кога ќе носат одлуки да ги носат за идните генерации.
– Разговор на принципиелни основи и се надевам дека ќе можеме да дојдеме до решение на прашањето, изјави Спасовски.
Спасовски: Нема проблем со Законот за државјанство
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека нема проблем со Законот за државјанство и апелираше да не создаваме фама дека имаме проблем со ова законско решение.
– Околу 560 граѓани во Северна Македонија коишто немаат државјанство аплицирале досега, сите други граѓани се граѓани коишто не живеат во Северна Македонија, а аплицирале за наше државјанство. Таа процедура можеби е забавена, и таа постапка не е преку МВР. МВР ги прибира податоците, согласности, мислење од повеќе институции зависно по која основа е поднесено барањето. Кога ќе ги прибере сите тие податоци на крајот го издава решението, така што штом е отпочната постапката таа постапка и ќе заврши – рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата болница Куманово.
Министерот за внатрешни работи воедно апелираше на трпение при постапката за добивање државјанство.
– Мислам дека треба да имаме трпение. Ако немало основ 30 години да се добие државјанство, мислам дека за месец – два не е проблем да се почека за да се добие државјанство – нагласи Спасовски.