ФОТО:Зоран Антоски

Доцна синоќа во Кичево, беше реализирана превентивна кампања „Соседска патрола“, која десетина години по ред се спроведува во во земјава. Мешаните патроли составени од полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и полициската станица Кичево, претставници на Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа и новинари, извршија превентивни обиколки на угостителските објекти како и на местата односно собиралиштата на отворен простор каде што во ноќните часови најчесто се собираат младите.
– Целта на кампањата беше родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат, да се направи увид во однесувањето на нивните деца кога се надвор од домот, но и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања- истакна портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски.

Тој во продолжение наведе дека, целта на проектот е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата, граѓаните и локалната заедница, односно локалните институции, а во насока на придонесување кон зголемување на степенот на безбедноста, намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, и секако – подигање на општествената свест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места преку доследно почитување на законските одредби пред се, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Претставниците од Советот на родители беа задоволни од соработката со полицијата и разоткривање на сите аномалии кои ги носат со себе ризиците од пороци, кои се се почести во современиот начин на живеење