Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека со новиот модел на достава на личните карти на граѓаните во Скопје доставени се четири и пол пати повеќе лични карти.

– Пред две недели го укинавме претходно воспоставеното решение за достава на лични карти според кое полициски службеници ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните и воведовме нов механизам за достава така што граѓаните можат во кое било време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење – истакнува Тошковски во објава на Фејсбук.

Во тој контекст, како што посочува Тошковски, за само две недели доставени се вкупно 12.476 лични карти, односно во просек по 891 дневно, што е четири и пол пати повеќе во однос на претходно кога за период од 50 дена (18.01.2024 – 09.03.2024 г.) биле доставени 10.100 лични карти, односно 202 дневно.

– Овие бројки покажуваат дека новата мерка која ја донесовме пред две недели, а која се темелеше врз основа на претходно направени анализи е исправна и дава одлични резултати – истакнува Тошковски.