Скопските пожарникари во Турција (Фото МИА)

Пожарникарските екипи од Противпожарната единица на градот Скопје веќе се на терен во Газиантеп, заедно со останатите спасувачки тимови, информираше денеска Град Скопје.

-Градот Скопје испрати интервентна екипа за помош при спасувачката мисија во Турција, а од градскиот буџет издвоивме шест милиони денари кои ќе бидат испратени преку Црвениот Крст на Македонија во хуманитарни цели за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија – се наведува во соопштението од Градот.

Оттаму посочуваат дека остануваат во комуникација со локалните власти од Турција и се подготвени да помогнат во секое време согласно нивните потреби.

Во земјотресот што ги погоди Турција и Сирија, според најновите податоци објавени попладнево, а пренесе МИА, загинале над 19.800 луѓе.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што во понеделникот ја погодија јужна Турција се искачи на 16.546, изјави попладнево турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, јави МИА.
Се зголемува и бројот на жртвите во Сирија. Во делот од земјата што е под контрола на владините сили загинале 1.347 лица, додека на северозападот на земјата, кој е под контрола на опозицијата, животот го загубиле 1.930 лица.

Спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.