Градена во 20-тите години на минатиот век, фонтаната ќе наполни наскоро 100 години

Стариот парк „Ислахане“, според записите и документите, зафаќал простор од 18.000 квадратни метри. Тој е изграден од познатиот скопски претседател на општината од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Салих Асим, син на Рустем-бег, од познатото скопско семејство Симитчилер. Тој е градител и на Занаетчиското училиште во паркот и на многу други урбанистички зафати во Скопје

Приказната за градењето на првата фонтана во Градскиот парк е поврзана со периодот од дваесеттите години на минатиот век. Малку се познати податоците дека Градскиот парк во Скопје започнал да се осовременува и модернизира по Првата светска војна. Во тоа време се презема голема обнова на паркот, се отвораат нови површини, се садат необични и нови видови дрвја и цвеќиња. Податоците зборуваат дека таа обнова почнала во 1923 година и траела наредната деценија. Во еден скопски документ, кој е датиран од периодот 1923-1928 година, се истакнуваат зафатите во Градскиот парк, кој бил значително видоизменет и проширен. Изградена е куќа во швајцарски стил за управителот на паркот.

Но побитна од неа била изградбата на стаклената бавча од 200 квадратни метри, во која се негувало разновидно цвеќе и се одгледувале расади за парковите. Постоела и друга помала стаклена бавча, како и шест стаклени леи со 126 прозорци. Потребата од стаклена бавча и расадник била неопходна, со оглед на тоа што паркот започнал да се шири. Бидејќи еден дел од дебармаалците биле и познати бавчанџии, нивното искуство било добредојдено при работата во расадникот и стаклената бавча, а некои од нив за да се усовршат во работата биле испраќани на специјализација во други земји.

Постојат неколку периоди во развојот на Градскиот парк што треба јасно да се разграничат. Најпрвин, во втората половина на 19 век е изграден паркот „Ислахане“, кој се наоѓал во близината на истоименото занаетчиско училиште со истото име – Ислахане. (Тогаш и кафеаната „Кермес“ го носела името „Ислахане“.)Занаетчиското училиште се наоѓало во кругот на денешното Министерство за одбрана и во близината на гимназијата „Идадија“ (денешната општина Центар). Стариот парк „Ислахане“, според записите и документите, зафаќал простор од 18.000 квадратни метри.

Тој е изграден од познатиот скопски претседател на општината од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Салих Асим, син на Рустем-бег, од познатото скопско семејство Симитчилер. Тој е градител и на Занаетчиското училиште во паркот и на многу други урбанистички зафати во Скопје. Подоцна, од 1923 година, стариот парк се ширел кон Зоолошката градина и кон реката Вардар. Така се оформил новиот, модерен парк „Идадија“. „Овде сега се градат вештачко езеро и канали“, се вели во записите, „со убави пешачки мостови, кои се во врска со јазот и со Вардар“. Новиот парк зафаќал простор од 7.600 квадратни метри.

Девојки на фонтаната во паркот во периодот меѓу двете војни

Токму во тој период на модернизација на паркот била изградена и прекрасната фонтана, која се вклопила во новиот амбиент. По својот стил на градбата и елегантната форма, таа е еден вид уметничко дело. Скопските шетачи уживале да се фотографираат пред неа, како што покажуваат и нашите фотографии. Тогаш во паркот бил зголемен бројот на новоотворени мали киосци, каде што граѓаните можеле да набават тутун и различни продукти што ги користеле при шетањето.

Во близината на фонтаната и во околниот простор на новиот парк било засадено вистинско богатство од дрвја и цвеќиња. Интересно е какво растително богатство никнало во околината на фонтаната. Имало мали и големи палми, потоа маргарити, бегонии, фикуси, зумбули и лалиња. На естетски засадените и обликувани места со цвеќињата, постарите жители и денес се сеќаваат и ги нарекуваат „цветни рондели“. Биле засадени 267 високи дрвја од разни видови, како и 500 од пониските стебла. Се саделе јасен, шпанско дрво, кисело и американско дрво (јавор), багреми, црници, диви овошки, високи и ниски ружи, потоа тополи, ниско украсно зеленило.

Тоа е само дел од цветниот и воопшто растителен асортиман присутен во новиот скопски парк. Фонтаната чинеше една естетска целина со објектот на кафеаната „Кермес“, која се наоѓаше во близината. Делот од овој стар објект, кој бил свртен кон фонтаната, некогаш бил главен и репрезентативен простор за посетителите на летниот ресторан.
Фонтаната во паркот постоеше до почетокот на 21 век. Бидејќи во голема мера беше руинирана, на нејзиното место се изгради нова, при што се задржаа автентичната форма и изгледот. Фонтаната наскоро ќе наполни 100 години, податок што зборува за големата традиција што ја има паркот како место за прошетки и рекреација, а во тие рамки и фонтаната. Таа се наоѓа наспроти влезот во бараките на Градското собрание, а од времето кога е градена постојат неколку стари канделабри, кои на тој амбиент му даваат посебна патина и шарм.

Денешниот изглед на возобновената фонтана наспроти бараките на Градското собрание

Градскиот парк доживеа и трета голема трансформација, онаа по земјотресот, кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години, кога се оформени сегашните езерца и малите мостови, со ново просторно и хортикултурно уредување. Може да се каже дека оваа модерна фонтана не е прва само во паркот, туку меѓу првите воопшто во градот, бидејќи другите фонтани во централното подрачје (од периодот меѓу двете војни) се градени многу подоцна. Поновите генерации, сепак, повеќе се поврзани со фонтаната „Лотос“, која денес се наоѓа на платото пред влезот во Градскиот парк.